Препораките се да се ослободат од работа хронично болните, да се реорганизира работното време за лицата кои работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство на половина, општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките
Поради енормното загадување стапуваат на сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица.
Владата даде известување за стапување во сила на препораките и мерките по добиената информација од Министерството за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, во текот на два последователни денови, на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, Кичево, Кавадарци и Струмица.
Надлежните институции добија информација од Владата дека е потребно да постапат согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 28.11.2017 година.

Според овие заклучоци Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство треба да препорача на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Работодавците, исто така, треба да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
Препорака има и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено. Исто така, треба да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Со стапувањето во сила на препораките и мерките Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбедува прифатилишта за сместување на бездомници и да дава поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје за број на повици според дијагноза, пол, возраст, место на живеење, за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина доби инвестување дека треба да започне со вршење на зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да подготви и достави препорака до инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство до 50 отсто со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Истовремено, Владата на Република Северна Македонија ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.