Средствата собрани од наплатата на патната такса, велат од Министерството за транспорт и врски, Владата ќе ги инвестира директно за реализација на најкрупните инфраструктурни проекти
Министерството за транспорт денеска доцна попладне преку писмено соопштение информираше дека Владата, преку Министерството и Јавното претпријатие за државни патишта, нема да ги зголеми цените на патарините.

Средствата собрани од наплатата на патната такса, велат од Министерството за транспорт и врски, Владата ќе ги инвестира директно за реализација на најкрупните инфраструктурни проекти.
Проектите во кои ќе се инвестираат средствата собрани од патарините, како што информираат од Министерствот се изградба на автопатите на Коридорот 8 и 10д, како и останатите автопатски делници со вкупна должина од преку 190 километри, потоа во изградба на експресни патишта во должина од 64 километри, во рехабилитација на регионални и магистрални патишта од преку 150 километри, како и во преку 450 километри локални патишта.
„Првичните анализи покажаа дека цените на градежните материјали во инфраструктурата само оваа година во споредба со 2021 година се зголемени меѓу 30 и 55 отсто и се во постојана осцилација, што директно влијаат врз буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта и реализацијата на капиталните проекти. Но, и во такви услови со зголемени цени на градежните материјали, Владата преку Министерството за транспорт врски ЈПДП останува на ставот дека цената на патарините нема да се зголеми“,
се наведува во соопштението од Министерството за транспорт и врски.
Инаку, денеска во врска со евентуално зголемување на цените на патарините зборуваше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот рече дека досега немаат направено дополнителни анализи за тоа во која насока треба да одат цените на патарините. Во регионот во некои држави цените на патарините растат, кај нас остануваат исти, рече Бочварски.
Тој на прес-конференцијата истакна дека е да продолжи изградбата и рехабилитацијата на патната инфраструктура со силна динамика „за да го фатиме чекорот со развиените европски земји во делот на патната инфраструктура“.