За мене несфатливо е како и после околу еден месец од првата појава на ваквите случувања сè уште немаме видливи резултати. Тоа е уште еден индикатор за состојбата на институциите надлежни за справување со овие феномени, вели народниот правобранител
Според народниот правобранител Насер Зибери, состојбата со лажните дојави за бомби во училиштата несомнено е дека директно се влијае врз квалитетот на образованието.
Според него, тоа директно значи повреда на детските права во областа на образованието.
„Сметам дека тоа е слабост на институциите надлежни за преземање мерки за обезбедување соодветен простор за изведување на образовниот процес. За мене лично, несфатливо е како и после околу еден месец од првата појава на ваквите случувања се уште немаме видливи резултати. Тоа е уште еден индикатор за состојбата на институциите надлежни за справување со овие феномени“,
вели Зибери.
Правобранителот е загрижен за тоа што учениците го имаат пропуштено за време на овие случувања.
„Слушаме дека ќе се надомести изгубеното со работа во сабота, но тоа нема да го надомести пропуштеното“,
рече Зибери на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање да даде свој коментар за овие случувања.