Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не го сторил кривичното дело што му се става на товар, дека во неговите дејствија нема инкриминирачки елементи и во поглед на законската дозволеност на неговите дејствија. Она што го слушнавме како обвинителен акт, а и сега во воведните зборови, е полуполитички говор за некакви принципи, цели и други начелни прашања, а никаде не слушнавме ниту видовме која законска одредба е прекршена од страна на обвинетиот, рече еден од тројцата адвокати на Зеќири
Не се чувствувам виновен, рече поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири на стартот на судскиот процес во кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Неговото произнесување за вина следуваше откако обвинителката Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги кажа воведните зборови велејќи дека иако бил задолжен Владата не му дала одврзани раце да склучува договори во четири очи, како што е во конкретниот случај со двата договора кои се дел од обвинението – едниот за определување модел за реструктуирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
За разлика од неа, адвокатите на Зеќири, пак, сметаат дека тој не работел спротивно од Законот за јавни набавки, а Обвинителството не наведува што конкретно е прекршено туку се користи со полуполитички говори.
„Одбраната ќе докаже дека обвинетиот не го сторил кривичното дело што му се става на товар, дека во неговите дејствија нема инкриминирачки елементи и во поглед на законската дозволеност на неговите дејствија. Она што го слушнавме како обвинителен акт, а и сега во воведните зборови, е полуполитички говор за некакви принципи, цели и други начелни прашања, а никаде не слушнавме ниту видовме која законска одредба е прекршена од страна на обвинетиот. Таква повреда, конкретна на кој закон е направена”,
рече еден од тројцата негови адвокати, Владимир Андреевски, во воведните зборови.
На обвинетиот, продолжи тој, не може да му се суди за негова стручност или нестручност или за лични и други особини туку за повреда на закон во негово постапување како генерален секретар и за евентуална штета.
„Одбраната ќе докаже дека не излегол од рамките на неговите овластувања при склучувањето на договорите. Дека се работи за многу специфична материја за специфични прашања, ќе докаже дека не е сторена штета од причини што моделите за кои се склучувани договори се со цел во иднина да не се сторува штета на буџетот од работењето на загубарите – ‘Пошта’ и ‘Македонски железници’, за кои е јавна тајна дека продуцираат милионски загуби секоја година во континуитет, а за што никој досега не сносел одговорност. Обвинетиот со склучување на договорите дејствувал во насока да се отстрани таквата штета бидејќи тие претпријатија се одржувани од буџетот со години“,
рече адвокатот.
Одбраната на Зеќири наведе и дека зачудува како Обвинителството од една страна запленува имотна корист кај една од фирмите ангажирана за студијата за „Пошта“, а од втората за договорот за консултантски услуги за „Железници“ воопшто не е запленета имотната корист.
Она што го најави одбраната е и дека ќе бара од Собранието автентично толкување на член од Законот за јавни набавки, на што се противеше обвинителката Катерина Коларевиќ.
„Никаде во Законот, а ни во судска пракса такво автентично толкување не е забрането. Тоа ќе нè поведе до таму од причина што Законот за јавни набавки не наведува децидност на консултантските услуги ниту нејзина забранетост во соодветна форма и постапка како што во моментот ние сме обвинети. Оставено е на слободно толкување и токму со тоа сакаме да му помогнеме на судот, да докажеме дека законодавецот сосема друго сметал и предвидел“,
рече адвокатот Мирослав Вујиќ.
По завршувањето на рочиштето, пак, на прашање од новинарите зошто неговиот колега адвокат кој е дел од одбраната на Зеќири смета дека ова е полуполитичко обвинение, Вујиќ одговори: „Него ќе го прашате, јас не гледам тука политика“.
Судскиот процес го води судечки совет на чело со судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска. Закажувањето на првото рочиште за овој судски процес следува откако на 4 октомври годинава Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение, а на 1 ноември Основниот кривичен суд Скопје го прифати.