Кога станува збор за материјалните докази, пак, судот одби да се прави презентација и тестирање на софтверите бидејќи, како што беше објаснето, за тоа се прибавува вешт наод. За увид во кабините што биле набавени од Генералниот секретаријат на Владата во времето на Рашковски, а за потребите на софтверите за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, пак, судот дополнително ќе се изјасни
Поранешната шефица на Основното јавно за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска и обвинителката Ивана Трајчева нема да сведочат во случајот „Софтвери“, како што бараше првообвинетиот поранешен генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
Откако на минатото рочиште се заврши со изведување на доказите предложени од Обвинителството, денеска во судот почнува изведувањето на доказите што ги предлагаат обвинетите и нивните адвокати. Пред да почнат да ги презентираат материјалните докази, судијката Фанка Јанчулева-Михајловска соопшти кои од доказите и предложените сведоци ги прифаќа, а кои не.
Покрај Русковска и Трајчева, таа го одби предлогот да се сослуша и еден од стручните соработници во ОЈО ГОКК.
„Пресуда не може да се заснова на исказ на јавен обвинител и стручен соработник, сознанијата до кои дошле тие се во функција на јавнообвинителското постапување”,
рече судијката.
Одбиени се и предлозите за сослушување на полициски службеници кои постапувале во истрагата на ОЈО ГОКК.
Исто така, судот одби повторно да ги повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и уште неколку сведоци кои беа предложени и сослушани како сведоци на Обвинителството. Судијката посочи дека одбраната имала можност да им поставува вкрстени прашања и не навела сега нови околности за тие повторно да бидат повикани во судница.
„Директно ја кршите Конвенцијата за човекови права“,
прокоментира во еден момент Рашковски кон судот.
Меѓу позвучните имиња кои ќе бидат повикани како сведоци на Рашковски, пак, ќе се појави поранешниот технички министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.
Ексгенералниот секретар објасни дека го предлага бидејќи тој во периодот за кога се однесува обвинението бил на функцијата технички министер, па судијата се согласи тој да биде повикан.
Кога станува збор за материјалните докази, пак, судот одби да се прави презентација и тестирање на софтверите бидејќи, како што беше објаснето, за тоа се прибавува вешт наод. За увид во кабините што биле набавени од Генералниот секретаријат на Владата во времето на Рашковски, а за потребите на софтверите за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, пак, судот дополнително ќе се изјасни.
Обвинението во овој случај, покрај набавката на софтверите, опфаќа и исплата на хонорари од кои, според Обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе.
Кривичните дела за кои се гони Рашковски се злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.