Ова беше шеста трансплантација од починат донор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Од почетокот на 2022 година се направија трансплантации на 10 бубрези од починат донор, две срца кај тешки пациенти и 10 инплантации на коскени ткива

Пациентот (60) на кого му беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор во земјава денеска си замина дома. Тој имал напредна болест на црниот дроб и, како што велат докторите, практично и не постоел друг начин да му се спаси животот. По три недели од трансплантацијата, тој е добра здравствена состојба и дома си оди со здрав орган и со шанса за нов, нормален и квалитетен живот.
Трансплантацијата беше извршена на 24 ноември, донор беше жена кај која беше потврдена мозочна смрт, а чие семејство се согласи да се донираат органите и да се спасат неколку животи. Покрај црниот дроб, беа трансплантирани и два бубрега.
„Морам да признам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и во македонското здравство. Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со Националниот координатор за трансплантација и со Министерството за здравство. На крајот сакам јавно да се заблагодарам на семејството на донорот. Без нивната хуманост немаше да имаме здрав пациент кој денес заминува дома и да го направиме овој успех во здравството“,
изјави денеска докторот Зоран Караџов, директор на Клиниката за дигестивна хирургија и координатор за трансплантација на оваа клиника.
Докторот Светозар Антовиќ, кој беше дел до тимот што ја изврши трансплантацијата вели дека за него како хирург и за неговите колеги било предизвик да се започне со оваа приказна за чија цел престојувале и во центарот за трансплантација во Загреб.
„Двонеделниот престој во центарот за трансплантација во КБЦ Меркур во Загреб, соработката со тимот на Клиниката за дигестивна хирургија и со сите останати тимови, амбицијата и желбата да се влезе во оваа приказна и да се биде дел од Програмата за трансплантација, беше тоа што не водеше кон овој успех“,
вели доктор Антовиќ, кој воедно е и шеф на шеф на катедрата по хирургија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Задоволството денеска не го криеше ниту националната координаторка за трансплантација на органи и ткива, докторката Маја Мојсова-Мијовска.
„За мене нема посреќен момент од тој кога пациентот ќе си оди дома. Тогаш сите ја гледаат смислата на органодарителството. Повторно би сакала да се заблагодарам на сите досегашни семејства кои донирале и успеале да спасат живот“,
рече доктор Мојсова-Мијовска.
Министерот за здравство, Беким Сали, оцени дека ова е историски исчекор за македонското здравство со кој се вбројуваме меѓу врвните здравствени системи кои успешно извршуваат трансплантации на црн дроб.
„Честитки до целиот тим кој учествуваше во оваа најкомплексна хируршка интервенција и благодарение на врвниот стручен придонес на комплетниот тим – 60 годишниот пациент денес си заминува дома во добра здравствена состојба“,
честиташе Сали.
Покрај споменатите доктори, во тимот кој ја направи првата трансплантација на црн дроб во земјава учествуваа и докторите Љубомир Огњеновиќ и Ќемаљ Рушити, лекари, медицински сестри и клиничкиот фармацевт од Клиниката за дигестивна хирургија, тим анестезиолози од КАРИЛ предводена од докторката Татјана Спировска, екипи од Клиниката за гастроентерохепатологија, предводени од докторката Бети Тодоровска и Елена Цуракова Ристевска, кои го подготвија донорот. Во трансплантацијата учествуваа и екипи од клиниките за урологија, нефрологија, трансфузиологија итн.
Ова беше шеста трансплантација од починат донор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Од почетокот на 2022 година се направија трансплантации на 10 бубрези од починат донор, две срца кај тешки пациенти и 10 инплантации на коскени ткива. За последниве две години, пак, тоа се вкупно осум срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива, а сега и еден црн дроб.