Ова е прва дојава за бомба во МНР, но и воопшто во некое од министерствата
До Министерството за надворешни работи (МНР) пристигнала дојава за поставени бомби во зградата поради што вработените се евакуираат.
„Информираме дека до Министерството за надворешни работи преку електронска пошта пристигна информација дека во зградата се поставени експлозивни направи. Министерството веднаш ги извести соодветните служби во МВР, по чии насоки заградата е веднаш евакуирана. Соодветно на безбедносните протоколи, штом се создадат соодветни услови вработените ќе се вратат на работа“,
соопштија од МНР.
Околу зградата на Министерството може да се забележат полициски екипи, како и дел од вработените кои чекаат да завршат антитерористичките проверки.
Ова е првпат да има дојава за бомба во некое од министерствата. Изминатиот период електронски пораки за поставени експлозивни направи пристигаа само до училиштата, а минатата недела по првпат дојава имаше и во државна институција – Народната банка. Исто така, дојави пристигаа и во полициската станица „Беко“, Железничката станица во Скопје и трговските центри „Бисер“ и „Ист гејт мол“.