Првиот човек на албанската влада му порача на Белград да одговори „со ист дух и чувство на одговорност“, откако косовските власти ги одложија вонредните локални избори на северот на Косово на кои се противеше локалното српско население
Изборите беа распишани откако локалните власти во општините со мнозинско српско население поднесоа оставки поради обидите на Приштина да спроведе регистрацијата на возилата од тој дел на земјата на косовски таблички, наместо како дотогаш на српски
Премиерот на Албанија, Еди Рама, попладнево се огласи по развојот на настаните и инцидентите на северот на Косово. На социјалната мрежа Твитер, тој објави три пораки, во кои првично го осуди насилството.
„Нападите врз ЕУЛЕКС се за секаква осуда без двоумење, како што е за осуда секој акт на насилство врз косовската полиција. Повторното појавување на барикадите на северот на Косово е во спротивност со секој закон и со секој дух на дијалог и не само што не решава ништо, туку напротив дополнително усложнува сè“,
стои во правата порака на Еди Рама.
Тензиите на северот на Косово, регион населен претежно со српско население, почнаа да ратат откако владата во Приштина направи нов обид возилата од тој дел на земјата да се регистрираат на локални, косовски регистарски таблички, наместо како досега на српски. Полицајците Срби во косовската полиција одбија да ги спроведат насоките и голем дел од нив дадоа откази, а оставки дадоа и локалните политички власти во општините со мнозинско српско население. Инстититуциие на Косово потоа закажаа вонредни локални избори за четирите општини на северот и тоа за следниот викенд (18 декември 2022 г.), но обидите да се спроведат изборите беа пречекани со отпор и инциденти.

Под сомнение дека организирал „терористички напад“ врз локални простории на Изборната комисија на северот од земјата, при што биле нападнати полицајци и функционери на комисијата, косовската полиција завчера го уапси Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција. Тој настан предизвика дополнителни тензии и насилни инциденти. Ескалацијата доведе до политичка одлука – изборите да се одложат за на пролет.
Поради овој чекор на властите во Приштина, Еди Рама сега ги повикува властите во Белград да „одговорат соодветно“.
„Одложувањето на изборите од страна на претседателката на Република Косово е значаен сигнал, на кој високите власти на Белград мора да одговорат со ист дух и чувство на одговорност, како не би дозволиле натамошна ескалација на дестабилизирачките акти“,
вели Рама, во својата порака на Твитер.
Одложување на изборите бараа повеќе меѓународни фактори. Но, во исто време, истите земји и организации и земји го осудија насилството и нападите врз косовската полиција но и мислијата на ЕУЛЕКС.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак кажа дека ќе бара од КФОР на северот на Косово да влезе српска војска и полиција.
Косовскиот премиер му возврати – не сакаме конфликт, но на агресија ќе возвратиме со сета сила.
Сега, премиерот на Албанија, Еди Рама, бара од Белград да го употреби своето влијание врз Србите на Косово.
„Белград мора да го употреби своето влијание врз Србите на Косово, без да ги оправдува нивните постапки, без оглед на причините. За причини се разговара, а не се користат како оружје против полицијата и како барикада против правниот поредок. ЕУ треба итно да свика на дијалог“,
заклучува Рама во реакцијата.