Претседателката на Косово, Вјоса Османи, одговарајќи на новинарски прашања за барикадите, рече дека „криминалните банди на север, предводени од нивниот политички лидер (Александар) Вучиќ чии наредби ги добиваат, имаат за цел да го дестабилизираат Косово, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа
На северот на Косово, во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде што живее мнозинско српско население, денеска во попладневните часови се поставени барикади на повеќе локации, а причината, како што пренесуваат медиумите е апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.

Косовската полиција соопшти дека граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ меѓу Косово и Србија се привремено затворени, врз основа на полициските проценки и мерки на претпазливост.
Како што пишува РСЕ, од страна на косовските власти е оценето дека поради блокирање на патишта на териториите на општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток е нарушена и оневозможена слободата на движење.
Се повикуваат граѓаните да користат други премини за влез или излез од Косово.
Косовските власти ги повикуваат граѓаните да соработуваат со полицијата и да не „потпаѓаат на провокации од криминални лица или групи“.
Во близина на Звечани барикади беа поставени во селото Рударе, каде патот е блокиран од четири камиони.
Според информациите на РСЕ од самото место, хеликоптерот на мисијата на НАТО – КФОР надлетува над Рударe. Како што пренесува сервисот на местото се насобрани помалку луѓе отколку кога беа поставени барикадите денеска попладне.
Во Рудар, на местото што мештаните го нарекуваат „на крст“, на барикадите, според РСЕ можат да се забележат и маскирани лица. На местото се присутни и осум возила на итна помош.
Денеска во Северна Митровица се слушнаа и сирени за тревога.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла изјави дека барикадите во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток се поставени од „екстремистички групи“со цел да го спречат спроведувањето на законот и редот.
„Ги повикувам сите граѓани да го зачуваат мирот, а особено нашите граѓани од српска националност, да не бидат дел од криминалните групи на север“,
рече тој.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, одговарајќи на новинарски прашања за барикадите, рече дека „криминалните банди на север, предводени од нивниот политички лидер (Александар) Вучиќ чии наредби ги добиваат, имаат за цел да го дестабилизираат Косово“.
Османи на прес-конференцијата информираше и дека по разговорите со претставниците на политичките партии е одлучено локалните избори на северот на Косово, кои без закажани за 18 декември, да бидат одложени за април 2023 година.
Блерим Вела, шефот на кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, ја обвини Србија дека наредила нејзините нелегални структури да подигнат барикади на северот на Косово.
„Таканаречената цивилна заштита и некои поранешни припадници на косовската полиција, кои поднесоа оставка во ноември оваа година, подигаат барикади“, напиша Вела на Твитер.
? #Serbia has instructed its illegal structures to set up barricades in north #Kosovo.
— Blerim Vela (@Blerim_Vela) December 10, 2022
Members of the so-called “Civilna Zastita” and some former KP officers that resigned in November 2022 are manning the barricades.
Belgrade bares the full responsibilities for any escalation.
Според него, „Белград сноси целосна одговорност за каква било ескалација“.
Припадниците на српската заедница на почетокот на ноември ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството, во знак на протест поради одлуката на косовската влада во врска со пререгистрацијата на возилата со косовски регистарски таблички.
Спроведувањето на одлуката беше прекинато, но бојкотот на институциите продолжи.
Последен пат Србите на северот поставија барикади на 31 јули, поради одлуката за пререгистрација на возилата, но и поради реципрочните мерки кои тогаш ѝ беа воведени на Србија во однос на личните документи. Во меѓувреме беше постигнат договор за документите.