Косовскиот премиер изјави дека официјален Белград сфатил дека не може да ги раздели Албанците и Србите и дека овие две заедници се во секојдневен контакт на Косово
Во меѓувреме, неименуван функционер на Европската Унија (ЕУ) предупредил дека ситуацијата на северот на Косово е сериозна и дека станува збор за ескалација на „која сме сведоци во последните недели“, пишува регионалниот сервис на РСЕ. Неименуваниот функционер потсетил на предупредувањата од Брисел дека акциите на двете страни (Приштина и Белград) водат кон ова
Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека безбедносните власти не прогонуваат никого на етничка или верска основа, туку исклучиво врз основа на индивидуално или групно однесување и постапки.
„Косовската полиција никогаш не е насочена, охрабрувана, ориентирана против Србите. Напротив, има дополнително внимание за Србите во Косово, токму поради различните погрешни толкувања што може да ги направи нашиот северен сосед“,
рече Курти пред членовите на косовскиот парламент.
Косовскиот премиер изјави дека официјален Белград сфатил дека не може да ги раздели Албанците и Србите и дека овие две заедници се во секојдневен контакт на Косово.
Тој додаде дека е во постојана консултација со меѓународниот фактор.
„Но, мора да разберете дека тие очекуваат да бидеме на висина на задачата во нашата земја. Тие се амбасадори на Квинтата, но не можат да станат министри, државата останува“,
рече тој.
Земјите на Квинтата се Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Германија и Италија.
Во меѓувреме, неименуван функционер на Европската Унија (ЕУ) предупредил дека ситуацијата на северот на Косово е сериозна и дека станува збор за ескалација на „која сме сведоци во последните недели“, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). Неименуваниот функционер потсетил на предупредувањата од Брисел дека акциите на двете страни (Приштина и Белград) водат кон ова.
Според извори од седиштето на ЕУ во Брисел, на терен има координација со мисијата КФОР на Косово, а европската мисија ЕУЛЕКС им помага на косовските власти уште од масовните оставки на Србите од косовските институции.
Тие објаснуваат дека ЕУЛЕКС, како секундарен фактор за безбедност, ѝ помага на косовската полиција во обезбедувањето на редот и мирот.
Сепак, Брисел предупредува дека без оглед на подготвеноста да помогне за стабилизирање на ситуацијата, ЕУЛЕКС не може да ја пополни празнината создадена со оставката на српските полицајци на Косово бидејќи бројот на оставки е непропорционален на постојниот број на членови на ЕУЛЕКС, кои се присутни во значително помал број.
Ситуацијата на северот на Косово, како што пренесуваат медиумите, во моментов е мирна. На улиците нема маскирани лица кои биле забележани во утринските часови.
„Маскираните лица биле таму во текот на ноќта и изутрината, сега ги нема“,
изјавил кусо полициски функционер за РСЕ.
На улиците во Северна Митровица во моментов нема полициски патроли, туку тие се присутни само во мултиетничката населба Бошњачка Маала.
Претходно, на северот на Косово при вооружен напад полесно беше повреден припадник на полицијата. Полицијата соопшти дека нападот се случил синоќа околу 23 часот во селото Србовац во Општина Звечан.
Игор Симиќ, потпретседателот на Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, која е блиска со властите во Белград утрово за РТС изјави дека ситуацијата на Косово и Метохија е мирна, но тензична.
Тој вели дека Србите се залагаат за мир и ќе направат сè за да го зачуваат.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово соопшти дека се сретнал со министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ и со началникот на Генералштабот на Армијата, Милан Мојсиловиќ.
Косовската полиција го зголеми присуството на северот на Косово, каде што во последните денови има чести инциденти.
Повеќе од 200 вооружени специјалци на косовската полиција, придружувани од оклопни возила, вечерва влегоа од јужниот во северниот дел на Митровица, соопштија вчера српските медиуми.
Владата на Косово ги демантираше пишувањата во српските медиуми дека специјални полициски единици биле испратени на северот на Косово. Во изјава за регионалниот сервис за Радио Слободна Европа (РСЕ), портпаролот на косовската влада рекол оти се работи за обична, а не за специјална полиција.
Завчера во Северна Митровица, општина со мнозинско српско население на северот на Косово, биле фрлени две експлозивни направи. Во овој инцидент нема повредени лица, а како што информирал директорот на полицијата за овој регион, Бесим Хоти станува збор за шок бомби.
Експлозиите се случуваат еден ден откако косовската полиција објави дека маскирани групи и поединци употребиле „опасни средства, вклучително и рачни гранати од југословенско производство“ во нападот на канцелариите на општинските изборни комисии во Северна Митровица и Зубин Поток.
Во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – живее мнозинско српско население.
Во овие општини за 18 декември се закажани вонредни локални избори на кои се противи Српска листа, најголемата српска партија на Косово, која има поддршка од официјален Белград.
Претставниците на Српската листа, кои водеа четири општини на север, поднесоа оставки на почетокот на ноември, незадоволни од одлуката на Владата на Косово да ги пререгистрира возилата од српски во таблички со ознака РКС (Република Косово).
Во меѓувреме, страните постигнаа договор. Косово се согласи да го суспендира својот план за пререгистрација на возилата, додека Србија вети дека нема да издава нови регистарски таблички на србите на Косово.
Оставки поднесоа и други српски официјални претставници на северот, и на локално и на централно ниво.
Поради неодамнешните инциденти, Соединетите Американски Држави побараа Косово да го одложи одржувањето на изборите.
Со ставот на САД се согласи и германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде кој на Твитер објави дека моменталната ситуација на северот Косово не е погодна за одржување на избори.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи вчера изјави дека одлуката за изборите ќе се донесе во рок од два до три дена.