По откривањето на скандалозното доделување државјанство, Владата на 23 ноември одлучи да започне постапка за негово поништување

Владата му го поништи државјанството на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, соопштија од владината прес-служба по денешната седница.
„Владата ја донесе одлуката откако го разгледа известувањето од Министерството за внатрешни работи, во коешто се информира за можноста за одземање на веќе дадено државјанство, што беше побарано од страна на Владата, на претходна владина седница. Денешната одлука на Владата е базирана на Законот за државјанство на Република Северна Македонија“,
велат од Владата.
Министерството за внатрешни работи добило задолжение веднаш да постапи по одлуката и да се поништи државјанството.
Постапката за одземање на државјанството Владата ја започна на 23 ноември.
Случајот со Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист на предлог на Коњичката федерација, го обелодени „Призма“ на 11 ноември. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од четири надлежни институции.
За случајот на затворена владина седница реферираше и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски, каде според информациите кои беа објавени суспендирани се двајца службеници за пропуст во проверката на Онишченко. Димовски за случајот беше повикан и во собраниската комисија задолжена за надзор на работата на АНБ.