Граѓаните со блокадите дневно возат по половина час повеќе, трошат повеќе гориво, се губат работни часови, порача Пенов кој смета дека протестот треба да се насочи кон други места
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој е и поранешен градоначалник на Скопје, вели дека скопјани трпат преголема штета поради блокадите на приватните превозници. Протестот, според него, треба да биде насочен кон други, а не граѓаните да ги плаќаат последиците.
„Не можам да кажам кои мерки ќе ги преземеме, но ја следиме таа ситуација, непријатна е. Преголема штета трпат граѓаните заради, можам да кажам, некакво самоволие кое е присутно на улиците во Скопје. Ние, одејќи накај Струмица, едвај излеговме од Скопје. Непотребно. Тој протест треба да биде насочен кон тие што го креираат или тие што мислат дека им го креираат проблемот. Вака, штетата ја плаќаат граѓаните, секој по половина час најмалку во денот вози повеќе, троши гориво, се губат работни часови, бизниси, што е огромна штета за граѓаните“,
изјави Пенов денеска од Струмица.
Во Скопје денеска втор ден приватните превозници поради долгови од Градот ги блокираат клучните раскрсници, додека од градоначалничката Данела Арсовска досега немаше реакција. Превозниците бараат да им се исплатат долговите, а Арсовска изминатиот период порача дека тоа се долгови направени од претходните градоначалници и им порача да протестираат пред штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Со приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ ги раскина договорите поради, како што тврди, непочитување на одредбите од нив.