Премиерот Оливер Спасовски отсега ќе може да ги води седниците на Влада телефонски, со конференциска врска или преку некоја софтверска алатка, во случај да има итна и неодложна потреба да се одржи седница.
Ваква измена во Деловникот за работа на Владата е усвоена на вчерашната владина седница кога беа донесени низа уредби и мерки за борба против коронавирусот, информираа од прес-службата.
Точката со која е дополнет Деловникот, а која му го дава тоа право на премиерот гласи:
„Во случај на итна и неодложна потреба за одржување на седница на Владата, претседателот може да ја отвори и води седницата на Владата со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки)“.
Деловникот е дополнет со уште две точки, па така покрај владина седница, на ваков начин, во случај на итна и неодложна потреба, ќе може да се одржуваат и седници на работните тела на Владата, како и колегиумите на државните секретари кои ги води генералниот секретар, во случајот Драги Рашковски.