„Ја охрабруваме локалната самоуправа да продолжи и да ги интензивира активностите за градење мирна и хармонична училишна средина во која секое дете ќе може да го достигне својот полн потенцијал. Ова, всушност, е порака и до сите општини и училишни менаџменти во државата, бидејќи насилното однесување меѓу младите не смее да биде опција“, велат од МОН
Насилното однесување меѓу младите не смее да биде опција, апелираше Министерството за образование и наука (МОН) и ја поздрави одлуката на градоначалникот на Општина Градско кој ја разреши директорката на училиштето „Даме Груев“ каде што деветтоодделенец подолго време бил малтретиран од двајца соученици.
„Ја охрабруваме локалната самоуправа да продолжи и да ги интензивира активностите за градење мирна и хармонична училишна средина во која секое дете ќе може да го достигне својот полн потенцијал. Ова, всушност, е порака и до сите општини и училишни менаџменти во државата, бидејќи насилното однесување меѓу младите не смее да биде опција“,
соопшти МОН.
Од Министерството посочија дека заедно со МВР, единиците на локалните самоуправи, училиштата, странските партнери и граѓанските организации, во континуитет работат на подигнување на свеста кај младата популација за потребата од толерантно однесување и надминување на конфликтите без насилство.
Претходно, градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, преку фејсбук-статус информира дека ја разрешил директорката на Основното општинско училиште „Даме Груев“ во оваа општина каде што малолетен ученик подолго време бил малтретиран од своите соученици.
Откако информира дека ја разрешил директорката, Нацков за МИА изнесе детали во врска со булингот врз ученикот во ова училиште.
Насилството врз деветтоодделенецот, како што информира градоначалникот на Општината, се случило во два наврата минатиот месец, кога негови двајца соученици во училишната соблекувална за физичко образование му ја искинале долната облека и му нанеле гребаници.
Ученикот, кој, патем, бил првенец на генерацијата, и претходно бил малтретиран од истите соученици. Тие му го фрлале училишниот прибор низ прозорците од училиштето, а бил удиран и по главата.
