Полицајците од станицата во Арачиново, како што порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, биле протерани од вооруженара група откако претходно сопреле лице со возило без валидни документи
Дел од медиумите, според неофицијални информации, објавија дека доцна синоќа полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група откако претходно се обидела да запре возило кое било управувано од лице што не поседувало документи. Лицето почнало да бега, а откако патролата тргнала по него била пресретната од вооружена група по што морала да го напушти местото
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска на прес-конференција кажа дека вооружени лица блиски до власта влегле со закани во полициско одделение во Арачиново при што четворица полицајци добиле наредба од претпоставениот да се повлечат од полицискиот пункт и од Арачиново да се повлечат во Гази Баба.
Ова, како што вели Стоилковски, се случило затоа што протераните полицајци претходно сопреле лице со возило без валидни документи.
„Криминалци бркаат полицајци. Упаѓаат вооружени во полицијата во Арачиново и полицајците бегаат, биле избркани од полициско одделение. Нема друг таков случај во светот. И Спасовски и МВР повторно се обидуваат да забошотат и премолчат случајот. Ова е тежок скандал, за којшто нема оправдување, ниту криењето помага“,
порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција.
Стоилковски кажа дека министерот Оливер Спасовски е најголема закана по функционирањето на Министерството за внатрешни работи и справувањето со криминалот и го повика да си даде оставка.
Дополнително, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека лицето кое ја предводело вооружената група во полициското одделение во Арачиново упатило и директни закани до редакцијата на медиумот кој ја објавил веста за овој инцидент. Стоилковски прашува како може да се гарантира безбедноста на медиумите и граѓаните ако некој се чувствува моќен за неказнето вооружен да упаѓа во полициски објект и да се заканува на полициски службеници.
„Оттука, ги повикувам и новинарските и медиумските здруженија да се охрабрат и да реагираат во заштита на новинарите и медиумите коишто ја пренесоа информацијата за Арачиново. Во моментов ништо не е поважно од ставање крај на бандитизмот, а додека Оливер Спасовски е на чело на МВР тоа е невозможно“,
вели Стоилковски.
Дел од медиумите, според неофицијални информации, објавија дека доцна синоќа полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група откако претходно се обидела да запре возило кое било управувано од лице што не поседувало документи.
Лицето почнало да бега, а откако патролата тргнала по него била пресретната од вооружена група по што морала да го напушти местото.