Организаторите на Мундијалот ја ограничија температурата на околу 22 Целзиусови степени на стадионите, иако надвор нема голема разлика. Така, на натпреварот Франција-Австралија надвор беше 25 степени, објави Франс енфо

Климатизацијата на стадионите е една од контроверзните теми на Светското првенство во Катар, бидејќи од почетокот на натпреварувањето работи со полна пареа, без разлика дали натпреварите се во текот на денот или навечер, пишува француското радио Франс енфо.
На стадионите може да се слушне мало брмчење на моторите за климатизација, кои се наоѓаат под седиштата на трибините или на ѕидовите, а од нив излегува ладен воздух.
„Морав да одам до врвот на трибината каде што е помалку студено. Има толку многу клима уреди, едноставно е неподносливо“,
изјави еден канадски навивач за француското радио.
Организаторите на Мундијалот ја ограничија температурата на околу 22 Целзиусови степени на стадионите, иако надвор нема голема разлика. Така, на натпреварот Франција-Австралија надвор беше 25 степени, објави Франс енфо.
На навивачите кои рекоа дека се смрзнуваат на натпреварите им беше препорачано да носат јакни, додека некои на социјалните мрежи се пошегуваа дека не е неопходно да се има фрижидер за вода, доволно е да се стави шише под седиштето каде што е отворот за климатизација.
Парискиот весник „Монд“ објави дека жителите на Катар имаат навика да ја вклучуваат климата во јавниот превоз, рестораните, супермаркетите, додека некои богати имаат климатизери на отворено, во близина на плажата.
Светското првенство во фудбал наместо традиционалниот период од јуни до јули, се одржува во зимските месеци во Катар. Организаторите го одложија натпреварот поради загриженост за високите летни температури.
Катар потроши милијарди долари за изградба на седум климатизирани стадиони на Светското првенство на отворено.