Голем дел од Украина, особено главниот град Киев, беше без струја и вода во четвртокот, еден ден по уште еден жесток руски напад врз енергетската инфраструктура, кој западните сојузници го опишаа како „воено злосторство“ со наближувањето на зимата
Најмалку четири лица загинаа, а десет се ранети во рускиот ракетен истрел врз Херсон, од кој руските сили се повлекоа пред две недели, изјави гувернерот на регионот во Украина, кој главно е без струја и вода, еден ден по бројните руски напади врз енергетска инфраструктура.
„Руските окупатори отворија оган врз станбената зона од повеќе ракетни фрлачи. Голема зграда се запали“,
напиша на Телеграм Јарослав Јанучевич, шеф на воената администрација во Херсон.
Голем дел од Украина, особено главниот град Киев, беше без струја и вода во четвртокот, еден ден по уште еден жесток руски напад врз енергетската инфраструктура, кој западните сојузници го опишаа како „воено злосторство“ со наближувањето на зимата.
Точно девет месеци од почетокот на руската инвазија, милиони Украинци го поминаа четвртокот без струја и греење.
Во Киев, каде замрзнат дожд падна врз снегот, а температурите беа блиску до нула, околу 70 отсто од населението остана без струја, а снабдувањето со вода се нормализира, соопшти градската управа.
Руското Министерство за одбрана објави дека главниот град на Украина не бил цел на руски напади, обвинувајќи ја украинската противвоздушна одбрана дека е одговорна за штетите во Киев.
Во останатиот дел од Украина, големи делови останаа без електрична енергија, но постепено продолжува поврзувањето на важна инфраструктура со мрежата.
Во Харков, вториот по големина град во земјата, недалеку од границата со Русија, снабдувањето се нормализира по „многу напорна“ работа, рече градоначалникот Игор Терехов.