Го поддржуваме дијалогот со ЕУ како најдобар начин Србија и Косово да имаат европска иднина, вели портпаролот на Стејт департментот
САД го поздравуваат договорот меѓу Белград и Приштина во врска со спорот за регистарските таблички на северот на Косово, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Прајс оцени дека станува збор за „мерки со кои ќе се избегне понатамошна ескалација на тензиите“.
„Го пофалуваме договорот меѓу двете земји, за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите и целосно и итно да се концентрираат на нормализирање на односите под покровителство на дијалогот олеснет од ЕУ. Го поддржуваме дијалогот со ЕУ како најдобар начин Србија и Косово да имаат европска иднина“,
рече портпаролот на Стејт департментот.

Прајс рече дека САД ја поздравуваат одлуката на двете страни да ги стават интересите на луѓето на прво место и да го подобрат квалитетот на секојдневниот живот.
„Двете страни вчера презедоа огромен чекор, под покровителство на ЕУ, кон консолидирање на мирот и стабилноста во регионот. САД ги поздравуваат конструктивните преговори и го охрабруваат понатамошниот напредок“,
рече Прајс.
Косово и Србија вчера во Брисел постигнаа договор за нелегалните српски регистарски таблички, според кој Косово ќе престане со понатамошните дејствија во врска со пререгистрацијата на автомобилите, додека Србија повеќе нема да издава таблички на автомобили со имињата на косовските градови.
Како што наведуваат од ЕУ, двете страни „разбираат и дека сите претходни договори постигнати во разговорите мора да се спроведат“.
Главните прашања и принципи поврзани со нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово ќе бидат разгледани во контекст на иницијативата која стана позната како француско-германски предлог, која беше поддржана од САД.
Советникот на Стејт департментот, Дерек Шолет, изјави дека имал добар разговор со косовскиот премиер Албин Курти.
„Му се заблагодарив за неговиот конструктивен ангажман во изнаоѓањето начини за намалување на тензиите и за неговата посветеност да работи итно на нормализација на односите меѓу Косово и Србија во дијалогот со посредство на ЕУ, кој САД силно го поддржуваат“,
напиша тој на Твитер.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, се заблагодари на американската амбасада во Косово за посветеноста да се постигне договор за регистарските таблички.