Искрено се надевам дека денеска ќе успееме да најдеме решение за деескалација на тензиите и да продолжиме да работиме на нормализација на односите. Разговорите се во тек, напиша Лајчак на Твитер

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак изрази надеж дека во Брисел ќе се најде решение за смирување на тензиите во Косово.
Тој денеска во Брисел се сретна со преговарачите на Србија и Косово, Петер Петковиќ и Бесник Бислими.
„Искрено се надевам дека денеска ќе успееме да најдеме решение за деескалација на тензиите и да продолжиме да работиме на нормализација на односите. Разговорите се во тек“,
напиша Лајчак на Твитер.

Разговорите се очекува да траат до доцна во ноќта.
Според портпаролот на Европската унија, Петар Стано, целта на средбата на главните преговарачи е „конечно да се најде излез од актуелната ситуација во европски дух“.
Главните преговарачи пристигнаа во европската престолнина само два дена по неуспешниот дијалог на највисоко политичко ниво.
За пропаѓањето на средбата што се случи на 21 ноември, домаќинот, високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел одговорноста ја префрли на премиерот на Косово, Албин Курти.
Косовските власти за 21 ноември најавија почеток на изрекување казни за сопствениците на возила со српски регистрации. ЕУ и САД постојано бараа од официјална Приштина да ја одложи одлуката за десет месеци, што косовските власти го одбија.
Но, по враќањето од Брисел, шефот на косовската влада Албин Курти најави дека го одложува изрекувањето на казните за 48 часа, откако тоа од него беше побарано од американската страна, која исто како и ЕУ изрази разочарување дека лидерите на Косово и Србија не успеале да се договорат со високиот претставник на ЕУ Борел за решението на актуелната криза во Косово.
Последната тензија на релација Приштина-Белград беше предизвикана од регистарски таблички, а Европската унија постојано оценува дека тоа е „најсериозната криза од 2013 година“.