Ова е последниот политички чин со кој нашата земја влегува и формално во Алијансата
Претседателот Стево Пендаровски го потпиша инструментот за пристапување на земјава кон НАТО, што претставува финален чекор за членството во Алијансата.
Со овој документ, Претседателот на државата, свечено изјавува дека Република Северна Македонија пристапува кон Северноатлантскиот договор и се обврзува посветено да ги извршува и спроведува сите одредби содржани во овој Договор.
„Ова е последниот политички чин со кој нашата земја влегува и формално во НАТО-алијансата. Вредеше што се вложивме, затоа што на нашите идни генерации им овозможуваме поголема стабилност, безбедност и просперитет. Нека ни е со среќа“, рече претседателот Пендаровски по потпишувањето обраќајќи се кон граѓаните.
Претходно, инструментот за пристапување го потпиша министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Со овој потпис го исполнуваме ветувањето кон идните генерации и визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Една држава е силна колку што е силна нејзината војска, една држава е силна колку што се здрави нејзините демократски институции, но една земја е силна и толку колку што има пријатели. Со 29 сојузници, од сега па натаму, Северна Македонија е посилна и побезбедна од било кога. Честито татковино“, изјави министерот Димитров.
Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со писмо до премиерот Оливер Спасовски ја информираше нашата влада дека сите земји членки го имаат потпишано Пристапниот протокол и упати покана за пристапување кон Северноатлантскиот договор.