Премиерот Димитар Ковачевски вели дека мора да се утврди одговорност за случајот. А, за 24 дена, како што најави тој, треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција, но смената на Димовски ќе биде поради тоа што тој треба да замине на амбасадорска позиција во Франција

На затворена владина седница денеска се очекува директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски да даде извештај за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека мора да се утврди одговорност за случајот. Во АНБ, според медиумите, суспендирани се двајца службеници за пропуст во проверката на Онишченко. Дополнително во Собранието во тек е истрага за пренесувањето во живо на Јутјуб на затворената комисиска седница на која Димовски зборуваше исто така за случајот „Онишченко“.
Премиерот Ковачевски изјави дека побрал детален извештај за работата на АНБ.
„Она што јас побарав е детален извештај врз основа на спроведена истрага или анализа согласно процедурите на АНБ и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден. Меѓутоа и вие самите знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации со оглед на казнивоста на давање такви информации од затворена седница на Влада“,
рече вчера Ковачевски.
Потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.
Според Ковачевски одговорност за случајот мора да има и оти тоа е работа на анализата, односно истрагата која што таму треба да биде спроведена, која веќе и се спроведува.
За 24 дена, како што најави премиерот, треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција, но смената на Димовски ќе биде поради тоа што тој треба да замине на амбасадорска позиција во Франција.
„Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност. Да, ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Треба да биде професионалец со долгогодишно искуство и ќе треба исто така да ги помине и филтрите на институциите на стратешките партнери, бидејќи да не заборавиме ние сме земја членка на НАТО, имаме Договор за стратешко партнерство со САД и изборот треба да биде усогласен со исполнување на такви критериуми“,
истакна премиерот.
Медиумите вчера објавија дека двајца службеници во АНБ се суспендирани поради случајот со издавањето македонско државјанство на Онишченко.
Димовски во петокот по седница на матичната собраниска комисија изјави дека при интерната постапка во АНБ за евентуален пропуст за случајот „Онишенко“ е констатирано дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со партнерите од НАТО пред да се даде позитивно мислење. Според него, „лоциран е прстенот и поединецот“ што го ставил потписот и ќе се преземе одговорност. Димовски додаде дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност.
Токму оваа затворена седница на Комисијата се пренесуваше во живо на Јутјуб, по што беше прекината и за што се истражува како и зошто се случило тоа.
Секторот за компјутерски криминал на Министерството за образование го истражува инцидентот на јутјуб-каналот на Собранието поради кој во петокот минатата недела беше прекинато реферерирањето на Димовски за случајот со државјанството на контроверзниот Украинец, Олександр Онишченко.
Од Јавното обвинителство на прашање на „360 степени“ дали се известени за случајот и дали евентуално е отворена постапка од страна на надлежно Основно јавно обвинителство велат:
Јавното обвинителство ги следи сите информации и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело во настанот, ќе постапи согласно своите законски надлежности.