Комисиската седница, на која директорот на АНБ реферираше за улогата на Агенцијата во случајот со контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, се одложи. Причината е тоа што додека течел исказот на Димовски дел од него се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска побара од претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов, да ја прекине комисиската работа „додека не се истражи што се случувало на денешната седница на ова собраниско тело“.
Комисиската седница, на која директорот на АНБ реферираше за улогата на Агенцијата во случајот со контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, се одложи. Причината е тоа што додека течел исказот на Димовски дел од него се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието.
Од кабинетот на Џафери велат дека сè додека не се истражи случајот не можат да дадат никаква информација.
Џафери на почетокот на седницата истакна дека нема да отстапи од своите надлежности за да испита до крај што се случило.
„Комисијата донесе одлука седницата да биде затворена. Од каде, како, што – не е моја работа јас да го испитувам тоа. Има државни институции кои се надлежни да го спроведат тоа и сите надлежни институции се информирани и ќе бидат во Собранието да го испитаат тоа. Меѓутоа, тоа не е за телевизија, додека не се утврди што е што“,
рече Џафери.
Тој нагласи дека нема што да крие од пратениците и од службата и посочи дека ние сме членки на НАТО, претенденти да бидеме дел од ЕУ и сме цел на кибернапади и не треба да се случи тоа што се случило во соседството.
„Јас и по функција преземам сè што е можно во моја надлежност да нема упади како што имало во соседството“,
рече Џафери.
Тој им се обрати на пратениците и потенцира дека тие не треба да дозволат како членови на Комисијата да излегуваат од седницата доколку таа е затворена и од неа „не смее да излезе ништо“.
Пратеникот Павле Трајанов од ДС побара седницата на Комисијата да не биде затворена поради важноста на прашањето за кое се дискутира.
„Бевме информирани од новинарите дека е нарушена конспиративноста на седницата. Со оглед на тоа што може тоа да е дезинформација, барам да се испита целокупната оваа состојба, бидејќи е крајно неодговорно да ја држиме затворена седницата за исклучително битни прашања, а преку стриминг наводно некој од новинарите ги слушале тие информации. Како претседател ве замолувам, сепак, ако не е точно тоа, бидејќи сите новинари се информирани, дел од нив ја следеле и седницата, но можно е тоа да не е точно, но битно е бидејќи тоа веќе отиде во јавноста, да преземете соодветни мерки за да се расчисти таа работа“,
рече Трајанов на почетокот на продолжението на пленарната седница.
Џафери тогаш му одговори дека не е коректно да се изнесуваат на говорница работи за кои во тек се испитувања.
„Впрочем, имате сертификат за класифицирани информации и додека не излезе Собраниетода каже што е што, не е коректно. Јас не се лутам за мене. Ова е прашање на државата, не е за мене како претседател на Собранието. Во крајна инстанца, правете што сакате. Ова што се случува е работа, одговорност и состојба на државата. Што сакате сега да ви кажам што сум презел јас. Извинете, не е коректна оваа работа. За ваше знаење, пред да дојдете да кажете вие, преземено е сè што треба да преземам јас како претседател на Собранието, ама тоа не е за медиуми. Тоа е истрага. Во истрага, како што знаете, не може во јавност да оди постапката што се спроведува“,
рече Џафери.
Медиумите, според него, биле коректни што не излегле надвор од она што им е законска обврска и не манипулирале со работи што се однесуваат на државни работи.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека е очигледно оти денеска има ситуација што треба да се истражи и за која треба да имаме конкретни информации што се случи.
„Не го оправдувам реагирањето на колегите од власта, затоа што ова е проблем во оваа институција и е голем проблем доколку ова навистина се случило и во државата. Затоа, претседателе, ве охрабрувам согласно вашите надлежности да преземете обврска да се направи целосна истрага за инцидентот, односно скандалот, доколку е случен на Комисијата која се одржуваше денеска. Таа треба да биде зад затворени врати, на која присуствуваат пратеници, кои имаат сертификати од одредено ниво и доколку навистина се случило вакво нешто навистина треба да има одговорност“,
рече Мицевски.
Мицевски додаде дека е крајно време да се направи таа затворена соба.
„Ваков скандал не треба да го коментираме од место, да реагираме на колегата Трајанов или, пак, да го премолчиме. Сите треба да работиме да превенираме вакво нешто затоа што многу често ни се случуваат пропусти во безбедносниот систем и во функционирањето на државата“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање денеска ја продолжи седницата за улогата на АНБ во давањето македонско државјанство на Олександар Онишченко. На седницата денеска присуствуваше и директорот на АНБ, Виктор Димовски.