На конкретно прашање дали ќе ѝ ги одземат ингеренциите на Арсовска, министерката за култура рече дека прво сака да го одржат состанок за да видат дали и што ќе се договорат
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов попладнево се на состанок со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за да разговараат за состојбите со реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје, но дали ќе ги преземат ингеренциите за објектот засега не откриваат.
„Заедно со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов вчера добивме задолжение од Влада да направиме работен состанок со градоначалничката Данела Арсовска по однос на прашањето за состојбата со Универзална сала. Ние како влада предводена од СДСМ уште пред две години ја препознавме потребата од реконструкција, од зачувување на Универзална сала како навистина голем национален сопственик. Токму затоа доделивме средства преку Министерството за култура кои беа префрлени на Градот Скопје за реконструкција на Универзалната сала. Бидејќи таму работите се во застој денеска сакаме да разговараме со градоначалничката за да изнајдеме некое решение за универзална кое е од важност не само за Градот Скопје туку за цела држава да се врати на својата функционалност и да може што поскоро да биде реконструирана“,
изјави Костадиновска-Стојчевска пред состанокот.
На конкретно прашање дали ќе ѝ ги одземат ингеренциите на Арсовска, министерката рече дека прво сака да го одржат состанок за да видат дали и што ќе се договорат.
„Се разбира дека како Министерство сме спремни да преземеме активности за цела Универзална да биде функционална. Но, би сакала да замолам после состанок да имаме конечни ставови“,
одговори Костадиновска Стојчевска на прашањето дали Министерството е спремно да ги преземе ингеренциите.
Според информации на „360 степени“, на последната владина седница донесена е одлука Министерството за култура да го почне процесот за преземање на Универзалната сала. Но, официјален запис за оваа точка нема.
Парите за реконструкција ги обезбеди Владата. Станува збор за 1,9 милиони евра, но реконструкцијата е запрена по смената на раководството во Град Скопје.