Од МВР апелираат до претставниците на локалната власт да не шират, како што велат, дезинформации кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните и додаваат дека скопската полиција била и ќе остане во служба на граѓаните, а тие како Министерство се отворени за соработка со локалната власт во интерес на безбедноста на граѓаните
Секторот за внатрешни работи Скопје најостро ги демантира дезинформациите објавени на фејсбук-профилот на Дарко Костовски, градоначалник на Општина Бутел, дека во последниот период, а посебно во текот на ноември на територијата на Општина Чаир имало зголемен број на напади на малолетници кои живеат во населбите Бутел и Радишани, а кои ја користат автобуската линија број 57 од ЈСП Скопје, реагираат од Министерството за внатрешни работи откако вчера ваква информација објави Костовски и го повика министерот Оливер Спасовски на итна реакција.
Од МВР велат овој месец (од 1 до 13 ноември) во градскиот автобус на оваа линија се случени два настани. Едниот на 6 ноември, кога еден малолетник бил нападнат од тројца малолетници, по што детето со лесни било однесено во болница, а родителот не сакал да го пријави настанот.
Вториот инцидент што го посочуваат од МВР е од петокот ноќта, по кој следуваше и објавата на градоначалникот Костовски на социјалните мрежи. Тогаш четворица малолетници беа нападнат од пет лица – тројца полнолетни и две малолетни. По пријава од родителите, напаѓачите беа приведени, а од МВР најавија кривична пријава.
Во демантот до Костовски, од Министерството потенцираат и дека имаат утврден план со кој на повеќе места низ градот поставени се полицајци за спречување на меѓуврсничко насилство.
„Согласно однапред утврдени планови за постапување, на повеќе точки во градот поставени се полициски служби за спречување на нарушување на јавен ред и мир и извршување кривични дела, со посебен акцент на спречување на меѓуврсничко насилство. Исто така, преземаме превентивни активности преку Одделението за превенција при СВР Скопје, пред сè преку проектите ’За безбеден град‘ и ’Безбедност во училиштата‘ кои се одвиваат во училиштата на подрачје на град Скопје и придонесуваат за спречување на сите облици на насилство меѓу ученици како и други видови на девијантни појави“,
велат од МВР.
Оттаму апелираат до претставниците на локалната власт да не шират, како што велат, дезинформации кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните и додаваат дека скопската полиција била и ќе остане во служба на граѓаните, а тие како Министерство се отворени за соработка со локалната власт во интерес на безбедноста на граѓаните.