Врховниот суд ја одржал вчерашната Општа седница на сосема поинаков начин од досегашната пракса. Наместо со лично присуство на најмалку половина од судиите во судот, согласно Судскиот деловник, кворумот, а потоа и одлуките, се донесени на нов начин.
„Согласно препораките и мерките на Владата на Република Северна Македонија за превенција и спречување на ширење на коронавирус, со кои е предвидена целосна забрана за одржување и организирање секаков вид собири, без оглед на обемот и бројот на учесници, општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија на 18.3.2020 година првпат се одржа на начин организиран по електронски пат и од дистанца“,
велат од Врховниот суд за „360 степени“.
Од Врховниот суд, сепак, не одговорија на прашањата на „360 степени“ и што било на дневен ред и кои одлуки биле донесени. Но, објаснија дека материјалите навреме им биле доставени на судиите по електронски пат.
„На дневен ред на седницата имаше само две точки од дневниот ред кои не трпеа одлагање. Дневниот ред и материјалите по точките на дневен ред беа претходно доставени по електронски пат до членовите на општата седница. Произнесувањето по однос на доставените материјали за точките од дневниот ред и гласањето е сторено на посреден начин – комбинирано по електронски пат и во писмена форма“,
одговорија од Врховниот суд.

„360 степени“ уште вчера објави дека во Врховниот суд владее паника меѓу судиите и вработените откако во понеделникот се дознало дека една од новозаразените со коронавирус е сестра на врховна судијка. Во меѓувреме, дел од судиите и другите вработени решиле да не одат на работа, со што е доведено во прашање функционирањето на Судот во полн капацитет.
*поврзана вест Вонредна состојба во Врховен: Сестра на судијка заразена од коронавирус
На текстот, Врховниот суд реагираше со допис наречен „Реакција и барање за објава за демант“. Во документот, прво имаше заклучок дека е неодговорно и неоправдано да се пласираат неофицијални информации за во следниот параграф судот да обзнани дека една судијка е во самоизолација, бидејќи нејзината сестра е заразена од коронавирус. Демантот се однесуваше само на информацијата дека сестрата на засегнатата судијка е дел од брачен пар кој бил во Бугарија, кој исто така е позитивен на коронавирус.
*поврзана вест Врховен обелодени дека судијка е во самоизолација, но демантира дека е роднина со брачниот пар дојден од Бугарија
Со денешниот одговор за начинот на кој е одржана вчерашната Општа седница, Врховниот суд практично призна дека значителен дел од персоналот навистина не оди на работа. Но, барем официјално, тоа го препишуваат на почитување на мерките на владата, а не на страв кај судиите и персоналот поради заразената сестра на нивна колешка.