Резултатите од изборите би можеле да им дадат мнозинство на републиканците со што би се ограничила моќта на американскиот претседател Џо Бајден во преостанатите две години од неговиот мандат и да го отворат патот за можно враќање на експретседателот Доналд Трамп
Гласачкото тело во САД денеска на гласачките места ширум земјата гласа на конгресните избори на кои освен нови претставници за Конгресот, ќе се избираат и гувернери и претставници на локалната власт.
Избирачките места треба да започнат да се затвораат од 19:00 часот по средноевропско време (00:00 часот по Гринич), по што ќе следуваат резултатите.
Станува збор за т.н. среднорочни избори кои во САД се одржуваат на секои четири години на средината на секој претседателски мандат. Изборите ќе одредат кој ќе го контролира американскиот Конгрес. Две години по ред и двата дома, Претставничкиот дом и Сенатот, се под контрола на демократите.
Резултатите од изборите би можеле да им дадат мнозинство на републиканците со што би се ограничила моќта на американскиот претседател Џо Бајден во преостанатите две години од неговиот мандат и да го отворат патот за можно враќање на експретседателот Доналд Трамп.
Во предизборните митинзи, Бајден ја повика земјата да ја заштити демократијата бидејќи неговиот републикански претходник вети дека ќе објави многу голема вест следната недела, што е протолкувано како знак дека Трамп може да се обиде да се врати во Белата куќа во 2024 година.
Во анализите што ги објавуваат светските медиуми, се наведуваат неколку важни причини зошто денешните конгресни избори во САД се од исклучително значење.
Меѓу нив се и правото за абортус кое беше укинато од Врховниот суд на САД во јуни годинава. Во таа насока, и демократите и републиканците веќе предложија нови закони кои ќе ги донесат доколку ја имаат контролата на Конгресот во свои раце по изборите. Демократите ветуваат дека ќе го поддржат правото на жените да одлучат сами, додека републиканците предложија национална забрана за абортус по 15. недела од бременоста.