ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и да, еве објавувам, дека ќе присуствувам на таква средба затоа што имаме ставови и сме подготвени да ги браниме насекаде во светот, рече Мицкоски
Во однос на уставните измени, тој потенцираше дека тоа прашање е затворена тема и го повтори веќе изнесениот став дека уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска потврди дека ќе присуствува на лидерската средба што за в понеделник ја свика премиерот, Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните партии.
Потенцирајќи ја актуелноста на прашањето за лидерската средба и „дали ВМРО-ДПМНЕ ќе оди и што ќе прави“, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и потврди дека ги присустува на таква среба затоа што, како што исткна, имаат ставови и оти се подготвени да ги бранат насекаде во светот.

„Прво да кажам дека намерите на власта за лидерската средба се јасни. Тие очекуваат јас да одбијам присуство на таква средба затоа што ќе се разговарало за европски интеграции. Веднаш по ваквиот чин ќе следи напад дека ВМРО-ДПМНЕ било антиевропско и дека ВМРО-ДПМНЕ е изолирано затоа што сите партии со албански предзнак ќе присуствуваат на средбата. Се гледа од месечината што им е целта. А, доколку ВМРО-ДПМНЕ присуствува, тогаш оние нивни инсталации мегафони нели на власта веднаш ќе раскажат `аха значи Мицкоски е подготвен за уставните измени`. И знам дека изгледа детски, но тоа е нештото што Ковачевски го нарекува план, а што и друго да се очекува. Бидејќи ова им се дилемите, да им ги расчистам. ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и да, еве објавувам, дека ќе присуствувам на таква средба затоа што имаме ставови и сме подготвени да ги браниме насекаде во светот. Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно, не преку соопштенија или штури брифинзи преку какви владата ја најавува оваа средба, дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност, се предвремени парламентарни избори“,
рече Мицкоски во својот говор по повод отворањето на настанот со наслов „Саем на промените кои носат иднина“, што го организира партијата, на кој ВМРО-ДПМНЕ ќе прави резиме и отчет за сработеното од страна на нивните градоначалници во изминатата година откако победија на локалните избори лани.
Во однос на уставните измени, Мицкоски потенцираше дека тоа прашање е затворена тема и го повтори веќе изнесениот став дека уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија.
„Јас како човек ниту уцени прифаќам, ниту пак зад завесата договарам. И сите оние инсталации и мегафони на власта кои веруваат во теорија на заговори, да им е јасно дека без повторувам јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, лидерска средба „во еден таков гломазен состав“ е „театар за јавноста“, кој нема да ги донесе решенијата на проблемите кои се алармантно потребни за народот. Мицкоски нагласи дека единствен лек за овие проблеми се предвремени парламентарни избори.
„Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решение, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања – интеграции. Поскапувањата, енергетиката и сиромаштијата се дијагнозата на колективната болест која го мачи општеството, чиј лек, единствен лек се предвремени парламентарни избори“,
порача Мицкоски.
Премиерот Ковачевски пред три дена (1 ноември) најави дека ќе испрати покани за лидерска. Целта, соопштија тогаш од Владата, е да се разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.
Дека ќе присуствуваат на лидерската средба вчера потврдија и од Алијанса за Албанците.