В.д. претседателот на партијата вели дека очекуваат конструктивна дебата на лидерската и оти тие ќе дадат максимум за што полесно да помине процесот на уставни промени
Алијанса за Албанците (АА) ќе учествува на лидерската средба што за в понеделник (7 ноември) ја свика премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните партии, а која треба да се одржи во Собранието.
Одлуката денеска ја соопшти в.д. претседателот на партијата Арбен Таравари, а со оглед дека партијата нема избрано ново раководство по оставката на Зијадин Села, одлуката ја донела Комисијата за организирање на партискиот конгрес.
„Одлука на комисијата за организирање на конгресот на АА, која се состои од градоначалниците и пратениците од АА, донесе конечна одлука дека во понеделник во 12 часот ќе бидеме во парламентот каде ќе разговараме за идната европска перспектива на Република Македонија, меѓутоа и евентуалните промени кои треба да се направат во Уставот. Се надевам дека ќе има конструктивна дебата, АА ќе биде учесник во тој настан и ќе даде максимум за да се помине полесно овој период додека се случат уставните промени во Република Македонија“,
рече денеска Таравари.
Во најавата од Владата дека Ковачевски ќе свика лидерска средба посочија дека целта е да се разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.
Од АА и Беса изминатиот период во јавноста веќе најавија дека меѓу нивните услови за поддршка на уставните измени кои се потребни за продолжување на преговорите со ЕУ, ќе биде и замена на формулацијата „20 проценти“ со „албански јазик“.
АА засега е прва што потврди дека ќе учествува на средбата.
Од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ сè уште немаат донесе одлука. Вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски рече дека деновиве ќе се консултира со коалициските партии и со раководството и пратеничката група дали да оди на лидерската или не.