Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го кажува за 13 000 мегават-часа е вкупната потрошувачка на струја во државата тој ден, заедно со слободниот пазар. Од партијата ги имаат измешано слободниот и регулираниот пазар, велат од ЕСМ

АД ЕСМ со своето производство од термоелектраните, хидроелектраните и ветерниот парк во Богданци произведува електрична енергија која 100 отсто, односно во целост ги покрива потребите за струја на домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинува за увоз на струја е само игра на бројки и мешање на потрошувачката на слободниот и регулираниот пазар. Ова го тврдат за „360 степени“ од АД ЕСМ по денешното обвинување од опозициската партија дека РЕК „Битола“ и „Осломеј“ работат со половичен капацитет и дека струја се увезува.
„За 24.10.2022 година ‘ЕВН хоум’ навел дека потрошувачката на електрична енергија на регулираниот пазар ќе биде 8 146 мегават-часа. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го кажува за 13 000 мегават-часа е вкупната потрошувачка на струја во државата тој ден, заедно со слободниот пазар. Од партијата ги имаат измешано слободниот и регулираниот пазар“,
велат од ЕСМ.
Од компанијата, преку Владата, на 26.10.2022 година имаат испратено соопштение во кое се наведува дека без увоз, исклучиво од сопствено производство, ЕСМ изминатото деноноќие ги задоволи потребите од струја на домаќинствата и малите потрошувачи. АД ЕСМ на 24.10.2022 година произведе 11 335 мегават-часа електрична енергија.
„Во термоелектраните се произведени 8 824 мегават-часа, а во хидроелектраните и во ветерниот парк Богданци произведени се 2 511 мегават-часа. Изминатото деноноќие нема никакви забележителни промени во однос на перформансите на производствените постројки. Во функција се два блока во РЕК ‘Битола’, работи РЕК ‘Осломеј’, а продолжуваат и сервисните активности во ТЕЦ ‘Неготино’. АД ЕСМ на 24.10.2022 година целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети“,
се додава во соопштението од 26.10.2022 година.
Денеска и владејачкиот СДСМ преку соопштение се огласи дека целата струја во државата е од домашно производство и дека ЕСМ покрива 100 отсто од потребите.
„АД ЕСМ со своето производство од термоелектраните, хидроелектраните и ветерниот парк во Богданци произведува електрична енергија која 100 отсто односно во целост ги покрива потребите за струка на домаќинствата и малите потрошувачи. Домаќинствата, малите потрошувачи се снабдуваат со 100 отсто домашна, македонска струја, со што се зајакнува енергетската независност на државата“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно изнесе тврдења дека термоелектраните РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ работат со половичен капацитет и ги обвини властите дека лажат кога велат дека не увезуваат струја и дека сите потреби за електрична енергија се задоволуваат од домашно производство.
Од партијата велат дека на 24 октомври биле произведени вкупно 11 000 мегават-часа струја од сите енергетски капацитети, а потрошени се 13 000 мегавати, што, како што заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ, значи дека се увезени 2 000 мегавати електрична енергија.