Владата ќе продолжи да функционира како техничка, со претставници на опозицијата. Тоа, според шефот на државата, е можност да покажеме дека, кога е во прашање справувањето со ваква сложена ситуација, сите политички сили ќе работат заедно за здравјето на граѓаните
Од вечерва, па во наредните 30 дена, Северна Македонија е во вонредна состојба, поради развојот на настаните со ширењето на коронавирусот. Веднаш откако, по индиректен пат – преку претседателот на парламентот Талат Џафери, го доби предлогот на владата, шефот на државата Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба.
Тој рече дека се решил на ваков чекор, согласно со членот 125 од Уставот, а откако Џафери го известил дека нема услови да се состане парламентот. Пендаровски посочи дека неговата одлука ќе биде доставена во Собранието на потврдување, веднаш штом ќе се создадат услови да се соберат пратениците.
„Конкретно, одлуката за прогласување вонредна состојба ја донесов со цел справување со ситуацијата и последиците од вирусот ковид-19. Самото тоа што ова е првпат во нашата историја да се прогласи вонредна состојба, доволно зборува колку е сериозна ситуацијата. Пред истекот на тие 30 дена, од владата очекувам извештај за ефектите од спроведувањето на вонредната состојба и евентуално за потребата од нејзино продолжување. Во овој период, извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси – и приватни и на државата, за поуспешно справување со ситуацијата. Во вонредна состојба, владата ќе може да носи уредби со законска сила, со цел да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето, а особено за да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата, која влегува во исклучително кризен период. Ситуацијата со коронавирусот сериозно ги оптовари економските ресурси на државата и штетите за фирмите што не работат уште сега се големи“,
изјави Пендаровски.

Пендаровски нагласи дека како држава и граѓани не очекуваат тешки денови, но посочи дека е убеден во одлуките што ги носи и дека очекува владата, која во наредниот период ќе ја сноси најголемата одговорност, ќе биде на висината на задачата и на нивото на сериозноста на ситуацијата.
„Очекувам владата, министерствата, ЦУК, Дирекцијата за заштита и справување… дневно дневно да информираат за сите активности што ги преземаат и ажурираните планови за нивно постапување во иднина. Посебно сакам да нагласам дека лидерите на најголемите политички партии даваат поддршка за прогласување вонредна состојба. Владата ќе продолжи да функционира како техничка, со претставници на опозицијата. Тоа е можност да покажеме дека, кога е во прашање справувањето со ваква сложена и сериозна ситуација, сите политички сили ќе работат заедно за здравјето на граѓаните и нема да се грижат за својот рејтинг“,
рече Пендаровски.
Шефот на државата рече дека парламентарните избори се откажуваат и ќе бидат презакажани дури кога ќе се создадат услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Но, како што рече, во овој момент треба да се стават настрана сите математики, дебати и калкулации за добивање гласови, затоа што се безвредни во однос на најсветото- зачувувањето на здравјето на граѓаните.