Изјавата на Мицкоски следува откако владините претставници кажаа дека не чувствуаат потреба да одат на утрешното отворање на македонскиот клуб во Благоевград, оти како што рекоа, не се должни да присуствуваат на секаква приватна иницијатива, како што е случајот со отворањето на овој клуб
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека присуството на државниот врв на утрешното отворање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград би било одлична можност да се покаже национално единство и да се даде поддршка на македонското население во Бугарија. Но, рече дека жали што тие се одлучиле да служат на туѓи интереси наместо на интересите на својот народ.
Изјавата на Мицкоски следува по изјавите на владините претставници дека не чувствуаат потреба да одат на утрешното отворање на македонскиот клуб во Благоевград, оти како што рекоа, не се должни да присуствуваат на секаква приватна иницијатива, како што е случајот со отворањето на овој клуб.
Мицкоски уште еднаш кажа оти тој и претставници на ВМРО-ДПМНЕ утре ќе присуствуваат на отворањето на клубот во Благоевград, додавајќи дека тоа ќе значи оти грижата за македонскиот народ и за македонскиот идентитет од страна на опозициската партија не се само празни зборови.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека забележува оти многумина на јавната сцена сакаат да направат знак на равенство помеѓу отворањето на бугарските клубови со фашистички имиња во земјава и отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Бугарија. Но, рече оти тоа не е така.
„Вапцаров обединувал, поврзувал, спојувал, за разлика од да речеме случајот во Охрид каде што јасно и недвосмислено, практично имаме локален клуб којшто носи име на соработник на нацистичкиот режим и фашистите за време на Втората светска војна“,
нагласи Мицкоски.
Отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград е закажано за утре, 30 октомври.
На отворањето на клубот нема да присуствува ниту премиерот Димитар Ковачевски ниту, пак, претседателот Стево Пендаровски. Претседателот вчера информира оти добил покана за отворањето на клубот во Благоевград, но поради претходно закажани обврски нема да присуствува на настанот. Наместо него, на отворањето на клубот ќе биде присутен генералниот секретар на кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски.