Од кабинетот на претседателот велат дека тој вчера ја добил поканата за отворањето на клубот во Благоевград, но дека поради претходно закажани обврски нема да присуствува на настанот. На негово место ќе оди генералниот секретар на кабинетот, Миле Бошњаковски
Претседателот Стево Пендаровски вчера добил покана да присуствува на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград в недела, но ни тој нема да присуствува на отворањето на клубот поради претходно закажани обврски.
Ова денеска го соопштија од неговиот кабинет од каде посочија дека наместо претседателот, на отворањето на клубот ќе биде присутен генералниот секретар на кабинетот, Миле Бошњаковски.
„Со оглед на претходно преземените обврски, претседателот не е во можност лично да биде присутен во Благоевград, но, во негово име ќе присуствува генералниот секретар на кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски“,
нагласуваат од кабинетот на претседателот.
Во гостувањето во „Дневникот“ на ТВ Сител пред два дена, претседателот Пендаровски изјави дека в недела нема да оди на отворањето на клубот во Благоевград оти не бил поканет.
„Ако го знаете соопштението на оние кои го организираат тоа, тие мене не ме поканија, иако тоа ме чуди, затоа што дел од тие луѓе кои ја отвораат таа спомен куќа или дом, затоа што тоа не е регистрирано според бугарските прописи и е приватна иницијатива, беа кај мене со ‘ОМО Илинден’ заедно со други организации на Македонци од Бугарија“,
рече претседателот Пендаровски, додавајќи дека тоа бил прв официјален прием на Македонци од Бугарија од осамостојувањето од Бугарија.
Претходно денеска, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека ниту владина ниту, пак, делегација на владејачкиот СДСМ нема да присуствува на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград в недела. Тој посочи дека отворањето на овој клуб е приватна иницијатива, а дека владините претставници не се должни да присуствуваат на неа, но кога ќе се отвори официјален македонски клуб во Благоевград – тогаш ќе бидат таму.
И шефот на дипломатија Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски кажаа дека нема да одат на отворањето на клубот. Свое присуство на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, пак, најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој ќе биде придржуван од пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки.