Сега се употребуваат и други истражни мерки што се побарани од страна на обвинителството да бидат спроведени, така што сметам дека брзо ќе дојдеме до одговорот на ова прашање, вели министерот
Расчистување на случајот за физичкиот напад кој деновиве се случи врз сопственикот на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, е приоритет за Министерството за внатрешни работи, информираше министерот Оливер Спасовски во синоќешната емисија „Вин-вин“ на ТВ Телма.
Спасовски го осуди овој напад потенцирајќи дека не постои оправдување за таков акт, односно за насилство врз кој било човек во државата.
„Во моментот интензивно се работи на случајот. Подигнати се камери од 31 место во делот на трасата каде што се движеле луѓето. Првичните сознанија се прибираат. Сега се употребуваат и други истражни мерки што се побарани од страна на Обвинителството да бидат спроведени, така што сметам дека брзо ќе дојдеме до одговорот на ова прашање“,
истакна министерот.
Запрашан за нивото на политичка комуникација и говор со кој се служат одреден дел од политичките субјекти во државата, со што се создава јаз помеѓу граѓаните, министерот предочи дека политичарите, како највлијателни во општеството, се и најодговорни за оваа ситуација, но и за можноста за нејзино отстранување.
„Бараме да бидеме обединети во општеството по многу прашања, а ако бараме обединетост, мораме да имаме минимум пристојна комуникација за тоа што го бараме. Таквата комуникација го компромитира вредносниот систем кај граѓаните, тоа се пренесува после на граѓаните, претежно кај младите луѓе“,
рече Спасовски и порача дека сите политички битки, без разлика каде и да се водат, мораат да бидат водени на јазик кој е прифатлив за сите и им дава шанса на аргументите, а не на навредите.