Ви честитам за напредокот и успехот и слушајќи ве вас убедена сум дека сте решени да го одржите ова темпо за да стигнете во ЕУ, му рече претседателката на ЕК на премиерот Ковачевски
Договорот за Фронтекс не е важен само затоа што ја зацврстува нашата соработка за миграцијата туку и затоа што покажува дека сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и целосно го почитуваме тоа.
Ова вечерва го порача претседателката на Европската Комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во владата во Скопје откако претходно беше потпишан Договорот.
Истата порака, потоа таа ја пренесе и преку социјалните мрежи со „твит“ на македонски јазик.
?? Договорот со Фронтекс што го потпишуваме денес е важен.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 26, 2022
Не само поради тоа што ја зајакнува нашата соработка во полето на миграција.
Туку поради тоа што е преведен на македонски јазик.
На исто рамниште со сите 24 јазици на ЕУ. pic.twitter.com/KWfZbc9fKk
„Ви ветив дека ќе го потпишеме Договорот за Фронтекс преведен на македонски јазик без фусноти, без ѕвездички, на еднакво рамниште со сите 24 јазици на ЕУ. И денес испорачуваме резултати. Испорачуваме, и како што кажав има 24 службени јазици и убедена сум дека нема да ни треба многу време кога ќе го имаме и 25-от затоа што македонскиот јазик е навистина прекрасен јазик“,
рече фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК пред четири месеци беше во Скопје во пресрет на усвојувањето на заклучоците за преговарачката рамка, според т.н. француски предлог, и тогаш имаше обраќање пред пратениците во Собранието. При денешната посета, пак, на премиерот Ковачевски му рече дека за да се направи тоа било потребно лидерство и храброст.
„Јасно се сеќавам дека тој ден нешто ветивме, ветивме дека ако Собранието може да ги преземе чекорите тоа ќе води до отворање на пристапните преговори и ќе започне скрининг процесот и пред сè, дека целосно ги почитуваме вашиот идентитет и вашиот јазик, македонскиот јазик. Морам да кажам драг Димитар, беа потребни лидерство и храброст во Собранието да се премине тој праг и мило ми е што го сторивте тоа затоа што тоа нè доведе до историскиот ден во јули кога ги отворивме преговорите. Скринингот започна веднаш и сега веќе е цврсто воспоставен и процесот добива на динамика“,
рече фон дер Лајен.
На прес-конференцијата во Владата, таа го спомена и последниот извештај за Северна Македонија како доказ дека земјава се движи напред по европскиот пат.
„Морам да ви честитам, навистина е прекрасно да се види колку одлучно се движите напред, ја зацврстите демократијата, владеењето на правото, постигнавте напредок во реформата на вашиот правосуден систем и развивате цврста пазарна економија која веќе ја покажа својата отпорност. Ви честитам за напредокот и успехот и слушајќи ве вас убедена сум дека сте решени да го одржите ова темпо за да стигнете во ЕУ. И свесна сум дека сето ова го правите додека во заднина се случуваат многу предизвици, а тоа е бруталната војна, таа носи свирепост за украинскиот народ и задава дополнителни удари за целиот свет“,
рече фон дер Лајен.