Поддршката што ЕУ ја издвојува или ја инвестира во земјава изнесува, според посочените проекти, изнесува над 200 милиони евра, кои на земјава треба да ѝ помогнат во изградба на одржлив енергетски систем
Европската Унија (ЕУ) изминативе години директно, како и Тимот Европа, ја поддржуваат С Македонија со значителна помош во енергетскиот сектор, се наведува во соопштението од Делегацијата на ЕУ во земјава, а во пресрет на денешната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје.
Поддршката што ЕУ ја издвојува или ја инвестира во земјава изнесува, според посочените проекти, изнесува над 200 милиони евра, кои на земјава треба да и помогнат во изградба на одржлив енергетски систем.
Како што се наведуваат од Делегацијата на ЕУ, вкупната вредност на поддршката на Унијата во „Осломеј 2“ и за фотоволтаични централи во Битола изнесува 30 милиони евра од кои пет милиони евра се грант од ЕУ (преку ИРЗБ), а 25 милиони евра се заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
„Откако ќе станат оперативни, овие нови капацитети ќе произведуваат доволно за снабдување со електрична енергија на 10 000 домови и ќе ја намалат емисијата на јаглерод диоксид за 44 000 тони на годишно ниво“,
стои во соопштението.
Друг проект во кој инвестира ЕУ е ветерниот парк во Богданци, чија вкупна вредност е 76 милиони евра од кои 400 000 евра се грант обезбеден од ЕУ (преку ИРЗБ), а 65,9 милиони евра се заем од КфВ развојна банка, додека 9,7 милиони евра се придонес на корисникот.
Богданци е првиот ветерен парк во Северна Македонија кој поради големиот ветерен енергетски потенцијал произведува околу 100 гигават-часа електрична енергија годишно. Ова е еквивалентно на снабдување со енергија за повеќе од 16 000 домаќинства или околу 65 000 граѓани на југот на земјата.
„Од Фондот на доверители на ЕУ“ беа доделени 20,7 милиони евра за проекти за општински грантови и набавка на фотоволтаични панели во јавни згради. ЕУ обезбеди 15,5 милиони евра во рамките на ИПА, додека 5,2 милиони евра беа национално кофинансирање. Во рамките на овој проект беа финансирани вкупно 133 општински проекти во 78 општини. Дополнително, на покривите на 108 јавни згради во 36 општини сега се поставени соларни фотоволтаични панели“,
информираат од Амбасадата на ЕУ.
Над 50 милиони евра изнесува помошта на ЕУ за енергетска интерконекција, за делот во Северна Македонија. Од овие средства 13,7 милиони евра се грант обезбеден од ЕУ (преку ИРЗБ), 37 милиони евра се заем од ЕБОР, додека 1 милион евра се придонес од страна на корисникот. Овој проект е дел од иницијативата на Европската комисија за воспоставување коридор за пренос на електрична енергија Исток-Запад помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија. Со него се предвидува изградба на 400-киловолтен преносен систем од Битола до Охрид и оттаму до границата со Албанија.
Дел до ангажманот на ЕУ во земјава е и програмата GEFF за зелени проекти во Западен Балкан и Програма за поддршка на конкурентноста на малите и средни претпријатија во Западен Балкан.
„Програмата се состоеше од две компоненти: Поддршка за домаќинствата преку заеми во износ од 26 милиони евра и 4,7 милиони евра стимулации за грантови за 3 500 домаќинства; Поддршка за конкурентност на МСП – 45,25 милиони евра за 214 МСП. Поддршка на ЕУ за енергетска ефикасност во прекуграничната област – вкупно 3,45 милиони евра, од кои 3 милиони евра обезбедени од ЕУ (во рамките на ИПА), а 15 отсто се национално кофинансирање“,
велат од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Проекти за прекугранична соработка за енергетска ефикасност беа спроведени во партнерство со општините од Северна Македонија и пограничните соседни општини во Бугарија и Грција.
Инаку, турнејата на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен низ земјите на Западен Балкан започнува денеска со посета на Северна Македонија.
„Посетата на претседателката Фон дер Лејен доаѓа во време кога Европа се соочува со невидени предизвици, како резултат на руската војна против Украина, вклучително и енергетската криза. ЕУ веќе инвестираше значителни ресурси за да помогне во енергетската транзиција во земјата, што веќе помогна да се подготви земјата подобро да се справи со кризата како што е сегашната, како и да работи на постигнување на нејзините климатски цели. Во исто време, претседателката Фон дер Лејен ќе ја претстави дополнителната поддршка што ЕУ ќе и ја даде на Северна Македонија и на регионот за да помогне во ублажувањето на влијанијата од актуелната енергетска криза. Работејќи заедно, ЕУ и Северна Македонија ќе се обидат да се справат со актуелните предизвици во енергетскиот сектор и да го намалат нивното влијание врз земјата и нејзините граѓани“,
велат од Делегацијата на ЕУ во земјава, а во пресрет на посетата на претседателката на ЕК на земјава.