Премиерот вели дека гледа оти сите политички партиите имаат позитивен однос кон уставните измени, па дури и оние што биле децидно против сега велат дека под одредени услови би гласале
Добро е што се отвори дебата за уставни измени и политичките партии треба да седнат на маса за да разговараат за уставните измени, порача премиерот Димитар Ковачевски откако изминатите денови опозициските партии Алијанса за Албанците (АА) и Беса поставија услов – формулацијата „20 проценти“ во Уставот да се замени со „албански јазик“, а за возврат тие да го поддржат вметнувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата од Уставот.
„Добро е што се разговара за уставните измени, гледате дека се отвори дискусија. Сметам дека тоа треба да биде процес кој се одвива како и досега, низ процедура која е пропишана со нашите закони. Штом ќе биде отворена таква процедура кога ќе се види дека има консензуална волја тоа да се направи, а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изречно против сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени. Сметам дека треба да се седне на маса, сите политички партии, да го кажат својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“,
рече денеска премиерот одговарајќи на прашање што мисли за условот поставен од АА и Беса.
Вчера од Беса на прес-конференција рекоа дека вметнувањето на „албански јазик“ наместо „20 проценти“ ќе биде еден од условите што ќе ги постават.
„Тоа е еден од условите што кога ќе се отворат уставните промени ние ќе излезе со конкретни барања. Главното барање ќе биде ова“,
изјави вчера на прес-конференција Арафат Шабани од Беса.
Пакет услови најави и в.д. претседателот на АА, Арбен Таравари, кој тврди дека тој може да ѝ донесе само добро на државата и нема да има партија што ќе може да го одбие.
„Нашите пакет мерки планираме да ги претставиме и пред граѓаните, паралелно и пред нашето членство и пред амбасадорите – поважните амбасади што функционираат во Македонија, но и на другите политички партии кои се релевантни парламентарни партии. Паралелно ќе оди процесот на објавување и презентирање на овие наши услови, кои не се услови туку се пакет мерки кои мислам дека ќе ѝ помогнат многу на државата. Отсега сум сигурен дека нема партија која би одбила таков пакет мерки“,
изјави вчера Таравари во гостувањето на ТВ Сител.
Презентацијата на пакетот од АА, според најавата на Таравари, се очекува да биде за околу две недели.