Според изјавите на Таравари, овој пакет ќе го постават како услов за да гласаат за вметнување на Бугарите во Преамбулата од Уставот и продолжување на преговорите со ЕУ. Тој услов, тврди Таравари, ќе ѝ помогне на целата држава да функционира онака како што треба
В.д. претседателот на АА ја наметна и идејата и за создавање на нов Закон за употреба на јазиците и функционален Устав кој ќе биде почитуван од сите
Алијанса за Албанците во наредните 10 до 14 дена ќе презентира пакет мерки кои ќе се однесуваат на измени на Уставот, а кои ќе ги постави како услов за да дадат поддршка за измените со кои Бугарите и други народи би се вметнале во Преамбулата на Уставот.
В.д. претседателот на оваа партија, Арбен Таравари, вечерва во гостувањето на ТВ Сител рече дека не сака да открива детали за пакетот, кој во моментов се преведува и на македонски и на англиски јазик.
„Нашите пакет мерки планираме да ги претставиме и пред граѓаните, паралелно и пред нашето членство и пред амбасадорите – поважните амбасади што функционираат во Македонија, но и на другите политички партии кои се релевантни парламентарни партии. Паралелно ќе оди процесот на објавување и презентирање на овие наши услови, кои не се услови туку се пакет мерки кои мислам дека ќе ѝ помогнат многу на државата. Отсега сум сигурен дека нема партија која би одбила таков пакет мерки“,
рече Таравари.
Политиката во Македонија, рече тој, има неколку рак рани, а една од тие е што тоа ќе го дадеме како услов. Тој услов, тврди Таравари, ќе ѝ помогне на целата држава да функционира онака како што треба.
На прашањето дали се работи за промени во политичкиот систем, тој одговори:
„Апсолутно, тоа ќе биде презентирано и тврдам дека ќе биде прифатено, тоа е предлог што не се одбива“.
Една од тие мерки е, како што веќе е познато, замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“. Тоа, според Таравари, нема политичка партија во албанскиот блок која не би го поддржала, но уверен е дека немаат ништо против ниту македонските партии.
„Дали е во ред некој да го нарекува македонскиот јазик славомакедонски или на друг начин? Зошто јазикот на комшиите на Мицкоски и на Ковачевски, на оние со кои тие имаат соживот, да се нарекува јазик на тие што се над 20 отсто“,
праша в.д. претседателот на АА.
На коментарот дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека ако се разговара за јазикот и се отвора тоа прашање, тогаш тој ќе бара да се исфрли потребата од Бадентер, Таравари вели дека овие две работи се мешање на баби и жаби.
„Мислам дека сега мешаме баби и жаби. Бадентер постои и во Гостивар, бидејќи таму малцинство се Македонци. Постои како механизам за спречување на мајоризација. Што ни пречи тоа? Тоа ни дава да бидеме посеопфатни. Кога Бадентер бил пречка нешто да не функционира во парламентот или советите на општините? Не се сеќавам тоа да било пречка. Сметам дека тоа е демократски механизам на спречување мајоризација“,
наведе Таравари.
Во телевизиското гостување, в.д. претседателот на АА ја наметна и идејата за создавање нов Устав и закон за употреба на јазиците, кои би биле функционални и почитувани од сите.
„Често зборувам и со пријатели кои имаат поголемо политичко искуство, мислам дека не е лошо дури да се седне и да се размислува и да се смени комплетно, да се направи функционален нов закон за употреба на јазици и Уставот да биде функционален. Мислам дека имаме одредени работи во Уставот кои само се надополнуваат, прошируваат, менуваат. Не е лоша идејата да се размисли да седнат сите кои живеат во Македонија и да направиме функционален устав што ќе го применуваме така како што треба сите“,
рече Таравари.