Меѓу условите за поддршка на уставните измени ќе биде и барањето да се смени уставната формулација 20 отсто со формулацијата албански јазик. Тој најави дека претходно мерките ќе ги презентираат пред најзначајните амбасади и пред партиите
Информациите дека Алијанса за Албанците ќе стане дел од власта е спин на ДУИ, изјави денеска в.д. претседателот на партијата Арбен Таравари и нагласи дека засега не добиле таква понуда.
„За тоа дека ќе бидеме дел од мнозинство мислам дека повеќе е спин од ДУИ. Таму има интересни настани, поделени се во 3-4 фракции. Не може да се разбере кој со кого е. И мислам дека им понираат вакви теми, а јас сум кажал. Првпат ме прашаа пред пет-шест недели. Повторно ќе кажам, ние не сме човек партија, туку сме партија што има тела на партијата и ако има таков предлог, засега нема ништо, ова е само шпекулација. Ако има таков предлог, мислам дека не треба одлуката да ја донесе само претседателот туку треба сериозно да се разгледа во партиските тела и да се донесе одлука, без разлика каква е“,
истакна Таравари кој на денешната прес-конференцијата ја претстави анализата од нивните партиски експерти по повод најновиот Извештај за прогресот на Европската комисија за 2022 година.
Тој го повтори ставот дека Алијанса за Албанците има свои предлози доколку во Собранието се почне дебата за менување на Уставот. Нашите услови за уставните измени ќе бидат пакет мерки коишто ќе ги побараме од Владата и коишто ќе ги презентираме идната недела, посочи Таравари.
Меѓу условите за поддршка на уставните измени ќе биде и барањето да се смени уставната формулација 20 отсто со формулацијата албански јазик. Тој најави дека претходно мерките ќе ги презентираат пред најзначајните амбасади и пред партиите.
„Предлогот ќе биде нешто што не ќе може да се одбие. Едно од барањата ќе биде и еднаш за секогаш да ја тргнеме формулацијата 20 отсто и да биде барем како што беше во Југославија, македонскиот и албанскиот јазик беа јазици коишто официјално се користеа. За тоа мислам дека има подготвеност од сите македонскиот партии“,
рече Таравари.
Темата за уставни измени во делот на формулацијата „20 проценти“ во однос на Албанците завчера ја отворил и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според Тачи, математичката формулација 20 проценти во однос на Албанците треба да се замени со соодветна формулација како (албански народ, албански јазик).