Костадинов изјавите ги даде од говорницата на конститутивната седница на бугарското Народно собрание велејќи дека Македонија е втора бугарска држава во Европа
Министерство за надворешни работи (МНР) преку нашата амбасада во Софија испрати уште една вербална нота до бугарското МНР, овој пат по повод изјавите на пратеникот и лидер на партијата Преродба, Костадин Костадинов, кој рече дека сме втора бугарска држава во Европа.
Во нотата МНР изразува крајно незадоволство од изјавата во која јавно се изразуваат иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и бара Бугарија да се огради од неа.
„Го повторуваме апелот дека ваквите изјави се директно спротивни на интенцијата на двете држави го почитуваа и да го негуваат духот на Договорот за пријателство и добрососедство, во насока на создавање блиски и пријателски односи базирани на меѓусебна почит и соработка. Токму во духот на добрососедството, очекуваме релевантните политички и институционални фактори во Република Бугарија да се оградат и да ги осудат ваквите провокации и обиди за нарушување на добрососедските односи“,
наведува МНР.
Костадинов изјавите ги даде од говорницата на конститутивната седница на бугарското Народно собрание велејќи дека Македонија е втора бугарска држава во Европа.
МНР пред три дена упати вербална нота до Бугарија и во врска со изјавите на европратеникот и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, кој во водеообраќање, стоејќи пред карта на голема Бугарија, со делови на Албанија, Србија и цела Македонија во неа, европратеникот Џамбаски изрече куп навреди кон премиерот Димитар Ковачевски, но и кон македонскиот народ и држава.
Според него, Ковачевски бил „машка секретарка“ на средбите на бившите премиери Бојко Борисов и Зоран Заев, а „македонизмот е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка идеологија која има задача да ги искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски“.
И тогаш МНР побара бугарските институции да преземат мерки за превенција на вакви и слични однесувања, а од Софија доби одговор во кој и тие ги осудија изјавите на Џамбаски, но упатија и критики кон македонските власти.