Од ЈСП „Скопје“ велат дека дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк

Откако утринава автобусите на ЈСП „Скопје“ останаа паркирани во автобазите во Автокоманда и Ѓорче Петров поради протестот на возачите кои бараат исплата на платите за септември, од претпријатието испратија соопштение со реакција на протестот. Од ЈСП „Скопје“ велат дека дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк.
„Овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, тие согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот“,
се додава во соопштението од ЈСП „Скопје“.
Поради ова, како што додаваат оттаму, Град Скопје ќе ги почитува законските мерки и ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и
го држат во заложништво Скопје и скопјани.
„Уште вчера Град Скопје подготви одлука за пренамена на средства со кои ќе се обезбеди исплата на последната плата која доцни 5 дена поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и наука и општините“,
додаваат од ЈСП „Скопје“.
Од таму апелираат до членовите на управниот одбор на ЈСП „Скопје“ да постапат согласно нивните законски обврски, затоа што во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието.
Со соопштение денеска се огласија и од Град Скопје кои велат дека уште во текот на вчерашниот ден, по завршување на вонредната седница на Советот на град Скопје, е изготвена одлука за пренамена на средства со кои ќе се исплати септемвриската плата на вработените во ЈСП „Скопје“.
„Иако законскиот рок за исплата на платите е до 15 текот на месецот, дел од менаџментот на ЈСП одлучи дека треба со манипулации и подбуцнување на дел од вработените да го остави градот без јавен превоз со образложение дека се доцни со исплата на плати, денес, градот Скопје изнајде решение за итна исплата на средствата. Ги повикуваме советниците од Советот на град Скопје уште веднаш, денес, да закажат вонредна седница на Советот како би можело веднаш да се изгласа ова решение и веќе утре вработените во ЈСП да ги добијат своите плати, кои, ќе бидат исплатени во рамки на законскиот рок, а не задоцнети“,
велат од Град Скопје.
Исто така, додаваат од таму, сакаме да апелираме до оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за истите, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл. 35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни.
„Одговорност мора да има, па затоа ги повикуваме и членовите на управниот одбор на ЈСП назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки поради доведување во заблуда на дел од вработените во претпријатието и предизвикување на прекин на работните задачи на вработените. Одговорност ќе бараме и од членовите на управниот одбор“,
нагласуваат во соопштението од Град Скопје.
Синдикалните претставници при ЈСП „Скопје“ вчера кажаа дека возачите денеска нема да возат зашто се гладни и уште еднаш побараа исплата на платите. Тие им се извинија на граѓаните, со образложение дека ова морало да се случи за еднаш засекогаш да се реши проблемот со редовни плати во ЈСП.
За неисплатените плати на вработените во ЈСП се разговараше и на вчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје. Доцна попладнето беше изгласана иницијатива со која се побара од градоначалничката на Град Скопје до петок до 12 часот да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите на вработените во ЈСП.
Одлуката следуваше при тричасовната расправа меѓу советниците кои си ја префрлаа вината за тоа кој е виновен за состојбата во претпријатието. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Арсовска, а од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт.
Од Владата, пак, пред два дена најостро ги отфрлија обвинувањата за каков било долг кон ЈСП „Скопје“, како што обвинува раководството на ова јавно претпријатие.
Од Владата, преку соопштение, информираа дека ваквата состојба во којашто се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.
За состојбата во која се наоѓа ЈСП „Скопје“ и за денешниот протест на вработените реагираше и ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека штрајкот во ЈСП е последица на двојната неспособност на владата и на Данела Арсовска.
„Нивната коалиција се гледа и во гласањето во градот Скопје, каде СДС, дел од крилото на ДУИ беа против итноста на седница каде ќе се префрлат пари за вработените во ЈСП. Против тоа беше и неспособната медарка Данела Арсовска. Тендер коалицијата Арсовска – СДСМ го упропастуваат градот. Навистина е жално што трпи град од 600 илјади жители“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, велат дека милионски долгови, неисплатени плати и колапс на ЈСП Скопје за само една година, донесоа неспособните медари од ВМРО-ДПМНЕ.
„Речиси по правило, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводи градската власт, Јавното сообраќајно претпријатие се соочува со проблеми. Така беше и при набавката на кинеските автобуси во време кога директор на ЈСП беше Игор Јанушев, против кого се води судски предмет за спорната набавка на автобусите, така е и денес кога ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска го водат Градот“,
велат од СДСМ.
Колапсот на ЈСП, додаваат од ЈСП, е врв на неспособност на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, поради нивниот неодговорен и нечесен однос страдаат граѓаните кои се без јавен превоз, страдаат вработените во ЈСП кои 20 дена се без плата.