Помошник-раководителот на ИТ-секторот во Генералниот секретаријат на Владата во денешното сведочење рече дека не знае дали софтверите биле ставени во функција и дека, колку што се сеќава, не знае дека вработени во неговиот сектор биле вклучени во работата околу системите и софтверите
Одбраната во овој случај, пак, преку прашањата алудираше дека не се правела фаворизација на фирмата „Инвока груп“ за софтверот за сообраќајни прекршоци, а Рашковски го праша сведокот дали од него има добиено некаква уцена, закана за тоа како да одлучува, на што тој одговори дека немало такво нешто.
Помошник-раководителот на ИТ-секторот во Генералниот секретаријат на Владата, Кирил Самарџиоски, денеска се појави во Основниот кривичен суд Скопје да сведочи во случајот против поранешниот генсек Драги Рашковски во случајот за набавката на софтверите за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни и за биометриска идентификација. Тој бил и член на комисијата за евалуација на понудите за набавката за софтверот за мерење брзина на возила, додека во другата набавка не учествувал.
„Бев информиран дека сум член на комисијата. Со оглед дека сум од ИТ-сектор, ние ги евалуираме само техничките аспекти на понудата. Во конкретниот случај, колку што ми е познато, во самата спецификација немаше табела на технички аспекти. Се сеќавам дека имаше изјава со која тој што поднесува понуда се обврзува дека ќе го достават софтверот”,
рече сведокот.
На прашањето дали неговиот сектор потоа бил вклучен во имплементација на софтверот за определување просечна брзина, тој одговори „не“.
„Колку што знам, не. Не сме биле вклучени во имплементација, немам таква информација”,
рече вработениот.
Тој одговори дека не знае дали софтверите биле ставени во функција и дека, колку што се сеќава, не знае дека вработени во ИТ секторот биле вклучени во работата околу системите и софтверите.
На прашање дали утврдил дека техничките спецификации на тендерот за софтвер за сообраќајни прекршоци не фаворизираат и не елиминираат ниту еден економски оператор, тој кажа дека немал насока за некаква анализа туку неговата улога била само во делот на евалуација на техничките моменти на понудите.
Одбраната во овој случај, пак, преку прашањата алудираше дека не се правела фаворизација на фирмата „Инвока груп“ за софтверот за сообраќајни прекршоци, па така Рашковски го праша и дали заедно со другите членови на комисијата за евалуација на понудите на крајот утврдил дека сите понудувачи ги исполнуваат условите утврдени во тендерската документација.
„Мојата евалуација беше во тој дел што го кажав за техничките аспекти, но на крајот финално сите членови се согласивме дека ги исполнуваат условите”,
рече Самарџиоски.
Рашковски праша и дали од него има добиено некаква уцена, закана за тоа како да одлучува за понудите.
„Нема такво нешто“,
кратко одговори сведокот.
Наспроти неговиот исказ дека од ИТ секторот не учествувале во имплементацијата на софтверот, поранешниот генерален секретар со прашањата алудираше и дека напротив токму секторот каде што работи сведокот го подигнал серверот за да се инсталира софтверот. Меѓутоа, сведокот одговори дека тој лично немал таква задача.
„Имало случаи од вашиот кабинет да се каже да се креира оперативен систем на сервер и ајпи адреси и лозинките и потоа да се предадат назад во вашиот кабинет. Веројатно е креирано, но што има внатре не можам да знам“,
рече тој.
За да ги оспори одговорите дека ИТ секторот не учествувал во имплементацијата на системот, обвинетиот Игор Христов го праша сведокот и дали е точно дека во периодот кога требало да се имплементира софтверот тој отсуствувал поради ковид-пандемијата, на што сведокот одговори дека не одел на работа поради здравствената состојба во периодот од март до октомври 2020.
Претходно сведочеше професорот Иван Чорбев, кој во времето кога биле тендерите за софтверите за мерење просечна брзина на возила и изрекување казни и за биометриска идентификација бил декан на ФИНКИ, па прашањата кон него беа поврзани за обвинетиот професор од Ивица Димитровски од тој факултет.
„Делумно бев запознаен кога тие набавки биле во тек, а малку подетално се запознав од медиумското внимание што го добија. Службите на Факултетот изготвија договор за соработка со фирми откако тие фирми го контактирале професорот Ивица Димитровски како експерт за процесирање слики и видеа, изготвил стандарден договор во Деканатот, ми беше даден за потпис и не прашував премногу за деталите бидејќи не е ништо невообичаено Факултетот да соработува со индустријата. Нема ништо невообичаено професор да пријде во Деканатот во Правната служба за да се изготви договор и потоа да се исплатат фактури на факултетот за сработеното”,
рече Чорбев.
Одговарајќи на прашања на одбраната, пак, професорот од ФИНКИ имаше пофални зборови за својот колега велејќи дека тој е еден од најголемите експерти за процесирање слики и видеа и дека донел едни од најголемите проекти за Факултетот.
„Професорот донел едни од најголемите проекти на Факултетот, станува збор за европски проекти финансирани од ЕУ со милионски буџети кои успешно се завршиле и имале позитивна ревизија од ЕУ. Освен научни проекти, донел и апликативни проекти, сите секогаш биле идеално завршени со позитивни импликации. Ако станувало збор финансиски импликации, биле исплатени. Станува збор еден од најдобрите експерти“,
рече Чорбев.
Парите од „Инвока груп“ и „Дигитал медиа лаб“ во врска со софтверите кои се предмет на оваа постапка, рече дека биле распоредени согласно правилникот со што дел завршиле за Ректоратот, дел за Факултетот и за тие што учествувале во проектите.
Обвинението во овој случај, покрај набавката на софтверите, опфаќа и исплата на хонорари од кои, според Обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе.
Кривичните дела за кои се гони Рашковски се злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.