Американскиот претседател Доналд Трамп воведе нова серија мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, јавија американските медиуми.
Меѓу нив се избегнување собири во групи поголеми од 10 лица, избегнување посети на ресторани, барови и трговски центри.
„Доколку се чувствувате болни, останете дома, не одете на работа. Доколку вашите деца се болни, не праќајте ги на училиште“, апелира Белата куќа.
Исто така, се советува доколку некој од семејството заболи од коронавирус сите членови да останат дома.
И повозрасните лица, како што се додава, треба да останат во своите домови и да избегнуваат контакти со други.
Истата препорака важи и за лицата што веќе имаат некои хронични здравствени проблеми.
На американските ученици во училиштата и факултетите им се препорачува да работат од дома секогаш кога е тоа можно.
На граѓаните им се советува да избегнуваат да јадат и пијат по ресторани и барови, туку да ги користат услугите на доставувачите на храна или „драјв“ рестораните за брза храна.
На Американците им се советува и да водат повеќе сметка за личната хигиена и да избегнуваат посети на здравствените институции без некоја итна потреба.
Белата куќа, меѓу другото, препорача и во американските сојузни држави каде што веќе се регистрирани случаи на заразени со коронавирусот, да се затворат рестораните, баровите и фитнес-центрите.
Одложени внатрепартиските избори во Охајо
Здравствените власти во американската сојузна држава Охајо им наредија на избирачките одбори, подготвени за внатрепартиските избори за претседателски кандидат на Демократската партија, да останат затворени, откако гувернерот Мајк Девајн прогласи вонредна состојба во државата заради коронавирусот, пренесоа француските медиуми.
Според Девајн, одржувањето на избори, во кои учествуваат преостанатите двајца кандидати на демократите Џо Бајден и Барни Сандерс, под сегашните услови „луѓето кои работат на изборите и гласачите ќе ги доведат до неприфатлив ризик за нивното здравје“.
Вчера, градоначалникот на Њујорк најави дека е можно во градот да биде воведен и полициски час.
Бројот на заразени со коронавирус во САД е над 4 400, од кои 80 починаа.