Њујорк ги затвори сите јавни училишта најмалку до 20 април, со можност мерката да се продолжи до крајот на учебната година поради загриженоста од ширењето на новиот коронавирус.
Почнувајќи од утре, вторник, баровите, рестораните и кафулињата ќе бидат затворени за гости и ќе биде дозволена само испорака.
Градоначалникот Бил де Блазио сепак остави простор дека тоа можеби не е крај на ограничувањата за жителите на Њујорк.
„Сите опции се на маса“, изјави тој, споменувајќи и можност за воведување полициски час во градот или за ограничувања на патувањата, како и за затворање на улици и мостови.
Градоначалникот истакна дека неговите овластувања за вонредни состојби му даваат можност да презема вакви потези, но дека се уште не е момент за вакви рестрикции.
Според него, градот прави проценки од ден во ден и од час во час.
„Ова е бескрајна агенда“, призна тој.
Во американската држава Њујорк има 729 потврдени случаи на коронавирус, од кои 329 во градот Њујорк, додека петмина досега починаа.