Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА денеска објави дека лансирањето проектили на Северна Кореја во последните недели биле тестови на тактичко нуклеарно оружје и способност да се „погодат и уништат“ потенцијални јужнокорејски и американски цели
Северна Кореја потврди дека извршила неколку теста на тактичко нуклеарно оружје во изминатите неколку недели, a симулациите на нападите лично ги надгледувал лидерот Ким Џонг-ун.
Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА денеска објави дека лансирањето проектили на Северна Кореја во последните недели биле тестови на тактичко нуклеарно оружје и способност да се погодат и уништат потенцијални јужнокорејски и американски цели.
„Единиците на Корејската народна армија задолжени за употреба на тактичко нуклеарно оружје организираа воени вежби од 25 септември до 9 октомври за тестирање на способностите за нуклеарно одвраќање и контранапад на земјата“,
соопшти КЦНА.
Агенцијата објави дека тестовите се одговор на неодамнешните заеднички американско-јужнокорејски маневри во регионот, оценувајќи дека таквото однесување на САД и Јужна Кореја дополнително ги влошува тензиите во регионот и во исто време претставува отворена воена закана до Северна Кореја.
Севернокорејската новинска агенција додаде дека земјата истрелала седум проектили во последните две недели, што е „симулација на вистинска војна“.
„Ким Џонг-ун, генералниот секретар на Работничката партија на Кореја и претседател на Централната воена комисија, ги водеше тие воени вежби“,
објави државната новинска агенција, цитирана од АФП.
Многубројни експерти проценуваат дека Северна Кореја ги завршува подготовките за нова нуклеарна проба, која би била седма во нејзината историја и прва од 2017 година.