Како што информираа од Владата, на состанокот биле разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно. Во таа насока било истакнато зголемувањето на производството на електрична енергија од АД ЕСМ за 25%, како и напорите да се обезбеди електрична енергија со пониска берзанска цена за што веќе се водат преговори со неколку земји
Академиците и универзитетскиет професори, пред седницата на Економскиот совет апелираа дека е доцна „да гасиме пожари“ и дека итно мора да се донесат мерки за справување со инфлацијата. Академикот Таки Фити предложил таргетирани мерки како едно од можните решенија со кои би се ублажил ценовниот удар за најсиромашното население
Денешната седница на владиниот Економски совет не заврши со конкретни мерки за помош на стопанството. Иако се очекуваше конкретен пакет од Владата, сепак, само се разгледувале идеите и предлозите на претставниците на бизнис секторот, синдикатите, универзитетските професори и академиците. Стопанските комори очекуваат одговор од Владата до наредната среда дали ќе може да се реализира нивното барање државата да обезбеди доволно струја и по замрзната цена и дали ќе бидат донесени и други мерки и помош за компаниите кои произведуваат основни производи, а кои во минатиот период значително поскапеа. Рокот поставен од стопанствениците беше до денес, најавувајќи дека во спротивно голем број претпријатија ќе мора да бидат затворени. Пред средбата во Владата, првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески, изрази очекување Владата да излезе во пресрет на нивните барања.
Сојузот на синдикати на денешната седница предложил неколку мерки до Владата. Како што рече првиот синдикалец, Дарко Димовски, не е време за печалење, туку за преживување.
„Платите да го следат порастот на инфлацијата и на пазарната кошничка. Да има доследна примена на колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, да се прошират антикризните мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти, да се воведе платежна картичка за домашни производи за загрозени категории на граѓани, како и бесплатен градски превоз до и од работа за ранливите категории“,
рече Димовски.
Академиците и универзитетскиет професори, пред седницата на Економскиот совет апелираа дека е доцна „да гасиме пожари“ и дека итно мора да се донесат мерки за справување со инфлацијата. Академикот Таки Фити предложил таргетирани мерки како едно од можните решенија со кои би се ублажил ценовниот удар за најсиромашното население.
Фити предложил пензионерите и лицата со ниски примања да добијат ваучери за плаќање на струја и основни прехранбени производи.
„Да им се дадат на пензионери и лица со ниски примања ваучери за плаќање сметки за струја, но и ваучери за купување на основни прехранбени производи. Цената на електричната енергија во оваа криза релативно малку се намали кај нас, но има семејства кои се засегнати со енергетска сиромаштија, можеби таа листа треба да се прошири. Исто така сум за таа мерка, бидејќи цените на основните прехранбени производи прилично се зголеми – да има ваучери за најранливите групи“,
истакнал Фити.
Како што информираа од Владата, на состанокот биле разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно. Во таа насока било истакнато зголемувањето на производството на електрична енергија од АД ЕСМ за 25%, како и напорите да се обезбеди електрична енергија со пониска берзанска цена за што веќе се водат преговори со неколку земји. Овие напори продолжуваат и во наредните денови, сè со цел помош на компаниите кои се на отворениот пазар да добијат струја која е поповолна од берзанската цена, истакнуваат од Владата.
Во рамки на заложбите за обезбедување електрична енергија од сопствени извори беа разгледани модалитетите за вклучување на електраната ТЕТО во „Б режим“, пришто нејзиното производство би било понудено на приватниот сектор по фиксна цена, согласно движењето на берзанските цени на гас.
„Сите сме свесни за тоа како енергетската криза ќе се одрази врз целокупната економија на државата, врз стопанството и граѓаните. Наредната недела Владата ќе излезе со конкретни таргетирани мерки насочени кон најранливи категории граѓани и компаниите. Воедно ќе продолжи економскиот и социјален дијалог со синдикатите со цел сите заедно полесно да ја пребродиме кризата“,
истакна премиерот Ковачевски и ги повика сите чинители во државата на одговорно однесување.
Воедно премиерот Ковачевски истакна дека се обезбедуваат и мерки за помош на компаниите преку Развојната банка, кои ќе овозможат ликвидност за компаниите и полесно пребродување на кризата во месеците кои следат.
На Економскиот совет, додаваат од Владата, беше реафирмиран апелот до пратениците во парламентот за што поскоро изгласување на Законот за задолжување во Европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра, што обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка, како и за работењето на ЕСМ во услови на криза.
„Премиерот Ковачевски во овој контекст посочи дека не е време за политички агенди, туку за работење исклучиво во интерес на граѓаните и државата. Апелот воедно се однесува и на Законот за енергетика и неговите соодветни измени, на Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за распределба на финансиски средства, односно прераспределба на ставки кои што се однесуваат на справување со енергетската криза“,
се наведува во владиното соопштение.
На состанок на Економскиот совет се обратија и министерот за финансии Фатмир Бесими кој истакна дека Буџетот нема да има проблеми со ликвидноста и покрај економската криза и дека бизнис заедницата може да биде спокојна, но и подготвена на одговорно работење.
На Економскиот совет гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека навремено се согледани макроекономските импликации на енергетската криза и дека се преземени сите потребни мерки за контрола на инфлацијата и одржување стабилен курс на денарот. Воедно беше посочено дека финансиската стабилност и ликвидност на банките е обезбедена и во време на криза.
Заклучено беше дека енергетската состојба е стабилна, и дека дополнителните таргетирани антикризни мерки за граѓаните и стопанството на кои Владата работи активно се потребни што поскоро. Воедно, утврдена беше потребата од одговорно однесување кон енергенсите, солидарност и поддршка за ранливите категории граѓани.
На седницата на Економскиот совет присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за финасии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, претставници на економскиот тим на Владата, пратеникот и професор Елми Азири, академик Таки Фити, претставници од енергетскиот сектор, ЕСМ, ЕВН, НЕР, РКЕ, гувернерката на Народната банка Анета Бежовска, директорката на УЈП Сања Лукаревска, претседателот на ССМ Дарко Димовски, Трпе Деановски претседател на Синдикатот на работниците од УПОЗ, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, претседателот на Сојузот на Стопански комори Трајан Ангеловски, извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсовска, претставници од стопанството, економски и енергетски експерти како и повеќе професори и претставници на академската јавност.
Следната среда се очекува нова седница на Економскиот совет.