Мицкоски на Владата ѝ нуди концепт со кој државата ќе заштеди 300 милиони евра. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека имале контакти со компании од Германија, Швајцарија и Чешка, а кои можат од „Газпром“ да донесат количина на гас која ќе биде доволна за земјава
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предмалку пристигна во Владата каде што ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски. Мицкоски е придружуван од поранешниот министер за финансии Трајко Славески, Владимир Неловски, кој е претседател на градскиот комитет и потпретседателката на партијата Гордана Димитриеска-Кочоска.

Средбата меѓу Мицкоски и Ковачевски за ублажување на енергетската криза доаѓа по неколкудневните меѓусебни препирања за локацијата на евентуалната средба. Ковачевски одби да се состане со Мицкоски во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски, пак, кажа дека нема потреба да се состанува со Економскиот совет на Владата откако и премиерот Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи го повикаа да дојде на седницата на советот закажана за денеска.
Мицкоски на Владата ѝ нуди концепт со кој државата ќе заштеди 300 милиони евра. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека имале контакти со компании од Германија, Швајцарија и Чешка, а кои можат од „Газпром“ да донесат количина на гас која ќе биде доволна за земјава.
„Цениме како ВМРО-ДПМНЕ во овие тешки моменти треба да помогнеме и тоа го правиме веќе години наназад. Разговаравме и со коморите и со бизнисот, нормално секојдневно комуницираме и со граѓаните. Побаравме и официјална средба и вчера добивме потврден одговор од страна на Ковачевски. Во овие клучни моменти треба да има помогнеме на граѓаните, а не да собираме политички поени. Ние сме тука да ги предложиме нашите идеи, дали ќе бидат прифатени, не е до нас. Ние сме опозиција, цениме дека имаме квалитетен предлог кој претходно им се допадна на коморите. Не гледам причина ако коморите тоа го прифатија, зошто Владата да не го прифати“,
изјави Мицкоски пред средбата со Ковачевски.
