Уставниот суд е составен од девет судии, со испразнети четири места тој веќе со месеци работи на границата на кворум за одржување седници, па ако до истекот на мандатот на судијката Маркудова во ноември не се изберат нови судии тој ќе остане само со четворица судии што значи дека ниту ќе може да носи одлуки ниту, пак, ќе може да одржува седници
Предлогот за избор на републичкиот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија денеска повторно ќе се најде на дневен ред во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, откако на претходните продолженија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со филибастеринг се обидуваа да спречат тој да добие зелено светло од ова собраниско тело.
Според агендата во Собранието, оваа комисија за денеска има закажано две седници. Првата треба да започне во 11 часот, но на дневен ред за неа има само две точки – утврдување предлог-одлука за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ и втора точка разно“.
Половина час подоцна, пак, е закажано продолжение на седницата на која Комисијата расправа за предлозите за уставни судии, конкретно за утврдување на предлогот Јовески да пополни едно од испразнетите места во Уставен. Меѓутоа, дали денеска ќе дојде до гласање е неизвесно, со оглед дека опозицијата на последните продолженија одолговлекуваше со процедурални забелешки и долги излагања на пратениците, како што беше, на пример, десетчасовниот говор на пратеничката Бети Стаменковска-Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ на 15 септември.
Ваквото однесување, пак, од СДСМ го оценија како неодговорно и несовесно. Пратеничката Марија Георгиевска, која е и претседателка на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пред десетина дена на прес-конференција рече дека тие ќе ги искористат сите механизми што им се на располагање во Собранието за да се изберат уставни судии и да се овозможи Уставен да работи во полн состав. Таа ги критикуваше колегите од опозицијата дека се обидуваат на секој можен начин да го блокираат изборот што, оцени пратеничката, е типично за ВМРО-ДПМНЕ да опструира и да се заканува секогаш кога се носат одлуки важно за правниот систем.
Јовески е последниот од деветте кандидати за кои треба да расправа Комисијата. Него го предложија пратениците од СДСМ, исто како и кандидатите Татјана Васиќ-Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, и Фатмир Скендер, кој е актуелен судија во Апелациониот суд во Скопје. Васиќ-Бозаџиева и Скендер беа поддржани од мнозинството во Комисијата, кое го има власта.
Останатите шест кандидати, пак, како предлози од ВМРО-ДПМНЕ, не добија зелено светло од собраниското тело. Стануваше збор за: универзитетскиот професор, Саво Климовски; обвинителот Тодор Витларов од Вишото јавно обвинителство во Штип; судијата во пензија Бранко Секуловски; Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид; судијката од Управниот суд Весна Јовановска; и професорката од Правниот факултет во Скопје Родна Живковска.
Откако ќе заврши расправата во Комисијата и за Јовески, кој кога ќе дојде до гласање се очекува да добие поддршка од ова собраниско тело, трите предлози за уставни судии потоа ќе треба да бидат изгласани и на Собраниска седница.
Тие ќе треба да ги пополнат местата на поранешните уставни судии (Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски) чиј мандат заврши на крајот на мај лани.
Седницата на Комисијата за прашања за изборите и именувања за избор на нови тројца уставни судии беше закажана уште лани во јули, кога требаше да се утврдат предлозите, но помина во тензична атмосфера по што беше прекината.
Откако неколку месеци не можеа да се утврдат предлози, Комисијата за прашања на изборите и именувањата во меѓувреме претрпе и измени во составот. Нејзиниот поранешен претседател, Костадин Костадинов, на локалните избори во октомври 2021 година стана градоначалник на Струмица и го напушти парламентот. Дојде и до прекројување на мнозинството откако по истите избори Беса одлучи да излезе од мнозинството и да премине во опозиција. Одреден период се водеше и полемика дали нејзиниот пратеник Фадил Зендели треба да биде член на оваа комисија. На 3 март годинава модифицираното мнозинство, кое беше на став дека пратеникот не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција, успеа да го разреши Зендели. На пленарна седница на 16 март конечно се комплетираше составот на Комисијата кога Марија Георгиевска од СДСМ беше избрана за нова претседателка на местото на Костадинов, а нејзиниот сопартиец Дарко Каевски беше избран за нов член на местото на Зендели.
Додека пратениците повеќе од 16 месеци не може да изберат уставни судии, во Уставен се испразни уште едно место затоа што на судијата Јован Јосифовски му истече деветгодишниот мандат во јануари годинава. Во иднина, покрај изборот на судија за пополнување на неговото место, пратениците ќе треба да изберат уште еден бидејќи во ноември годинава истекува мандатот и на судијката Вангелина Маркудова.
Уставниот суд е составен од девет судии, со испразнети четири места тој веќе со месеци работи на границата на кворум за одржување седници, па ако до истекот на мандатот на Маркудова не се изберат нови судии тој ќе остане само со четворица судии што значи дека ниту ќе може да носи одлуки ниту, пак, ќе може да одржува седници бидејќи ќе нема мнозинство.