Во време на светска економска и енергетска криза, но и години претходно, Мицкоски го полнел џебот продавајќи електрична енергија од своите хидроцентрали. Ако е загрижен за струјата и стандардот на граѓаните, Мицкоски ќе ја отстапи бесплатно струјата од своите хидроцентрали за граѓаните, велат од СДСМ
СДСМ денеска го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, струјата од неговите хидроцентрали за производство на струја да им ја даде бесплатно на граѓаните.
„На што личи тоа Мицкоски наутро да лаже на прес конференции, а навечер да брои пари од високите фактури за струја од неговите хидроцентрали? Христијан Мицкоски е основач и сопственик на фирмата „Енерготек“ со која влегува во конзорциумот „Минка – Енерготек“. Во 2015 година од Владата на Груевски добива 33 илјади квадратни метри државно земјиште и гради хидроцентрали“,
рече Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ на денешната прес-конференција.
Приложувајќи документи, Каевски рече дека Мицкоски токму во тој период во истата таа влада од која добива земјиште и концесија е советник за енергетика на неговиот шеф и ментор, тогаш премиер, Никола Груевски.
„Затоа и меѓу своите од ВМРО-ДПМНЕ го добил и прекарот Хидро Мицко. Во време на светска економска и енергетска криза, но и години претходно, Мицкоски го полнел џебот продавајќи електрична енергија од своите хидроцентрали. Ако е загрижен за струјата и стандардот на граѓаните, Мицкоски ќе ја отстапи бесплатно струјата од своите хидроцентрали за граѓаните“,
потенцираше Каевски.
Денешното барање на СДСМ доаѓа по неколкудневната понуда која Мицкоски и ја даваше на Владата, а во која велеше дека има предлог за заштеда од 300 милиони евра за намалување на енергетската криза и трошоците за производство на струја и топлинска енергија.
Мицкоски минатата недела бараше средба со премиерот Димитар Ковачевски и со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на која би го изнел својот предлог. Потоа дојде покана од Владата за Мицкоски да учествува на Економскиот совет на кој би можел да ги презентира своите предлози за излез од кризата, но поканата беше одбиена со образложение дека тој совет бил составен од истите луѓе што ја решавале ковид-кризата и кои, како што потенцира Мицкоски, ништо не решиле.