Агенцијата на својот твитер-профил соопшти дека компанијата која управува со гасоводот, „Северен тек 2 АГ“ ја информирала дека притисокот на гасоводот е стабилизиран и дека „ова укажува дека истекувањето на гас престанало“
Данската агенција за енергетика „Енергистирелсен“ повикувајќи се на операторот на гасоводот „Северен тек 2“ денеска соопшти дека притисокот во гасоводот е стабилизиран и дека истекувањето на гас е прекинато.
Агенцијата на својот твитер-профил соопшти дека компанијата која управува со гасоводот ја информирала дека притисокот на гасоводот е стабилизиран и дека „ова укажува дека истекувањето на гас престанало“.
Nord Stream 2 AG selskabet har informeret Energistyrelsen om, at der nu synes at være opnået et stabilt tryk på NS2 A-rørledningen. Dette tyder således på, at udblæsningen af gas er tilendebragt på denne rørledning.
— Energistyrelsen (@Energistyr) October 1, 2022
Портпаролот на данската агенција, Улрих Лисек изјавил дека или гасоводот е целосно празен или притисокот на гасоводот и водата надвор од него се во рамнотежа.
Сергеј Купријанов, портпаролот на гасниот гигант „Газпром“, кој е под контрола на Кремљ, вчера изјави дека по експлозијата што ги погоди двата гасоводи во Балтичкото Море, „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, протекле 800 милиони кубни метри природен гас , пренесе агенцијата Тасс.
Тој преку видео врска на седницата на Обединетите нации изјавил дека количеството ослободен гас е еднаква на тримесечната испорака за Данска.
За потсетување, во вторникот рано утрината, околу 2 часот по локално време, на површината на Балтичкото Море меѓу Шведска и Полска, на околу 23 километри југоисточно од данскиот остров Борнхолм, почнаа да се појавуваат меури. Тогаш беше објавено дека притисокот во гасоводот „Северен тек 2“ во текот на ноќта паднал од 105 на седум бари, што укажувало на истекување гас.
Еден ден по откривањето на истекувањето на гас од „Северен тек 2“, беше утврдено дека истекување има и од „Северен тек 1“. До четвртокот беа детектирани вкупно четири истекувања на гас, две од шведска и две од данска страна.
Високи претставнииц на Европската Унија соопштија дека штетата предизвикана на двата гасовода што доведе од истекување на гас во Балтичкото море е намерно направена, односно дека станува збор за саботажа.
Сеизмолозите во вторникот соопштија дека регистрирале потреси од експлозии во Балтичкото море, пред да бидат откриени невообичаените истекувања од двата гасовода кои водат од Русија до Германија.
Некои од европските лидери, како и стручни лица веднаш укажаа на можноста од саботажа, имајќи го предвид судирот со Русија околу енергенсите, а кој е предизвикан од војната во Украина.
Инаку, гасоводот „Северен тек 2“ е долг 1.230 километри и се протега од Русија преку Балтичкото Море до Германија. Требаше да транспортира милијарди кубни метри гас во Европа, а кога Русија ја нападна Украина, Германија одби да издаде употребна дозвола на операторот на гасоводот, па тој никогаш не беше пуштен во употреба.