Јавната седница пред Апелацискиот суд во Скопје за најобемиот случај за настаните во Собранието од 27 април 2017 година се откажува поради коронавирусот, а во согласност со издадените мерки и препораки за превенција, соопштија од второстепениот суд.
Бидејќи станува збор за обемен предмет, за оваа седница беа резервирани три датуми: 18, 19 и 20 март.
Одложувањето, како што се наведува во соопштението на судот, е поради тоа што нема услови да се обезбеди правилна примена на препорачаните мерки.
Нови термини засега не се закажани.
Пред Апелацискиот суд обвинетите и нивните адвокати требаше да ги образложат своите жалби за казните во првостепената пресуда. Во предметот првично беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор.
Паралелно, пред првостепениот суд, Основниот кривичен суд во Скопје, се води уште еден процес кој се однесува на организацијата на настаните од 27 април. Обвинети таму се експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Судењето во овој предмет почна неодамна, досега се дадени завршни зборови, а следното рочиште е закажано за утре кога треба да се почне со испитување на сведоци предложени од Обвинителството. Меѓу првите е и техничкиот премиер Оливер Спасовски. Засега, од Основниот кривичен суд нема најави дека утрешното рочиште ќе се одложи поради актуелната состојба со коронавирусот.
„Кривичниот суд ќе продолжи со судење на сите расправи за кои постојат услови за нивно одржување се до добивање нови напатствија од Министерството за правда и Судскиот совет и апелираме до странките и тие доследно да се придржуваат до препораките за заштита“,
соопштија од Основниот кривичен суд во последното соопштение од петокот.